Достапни линкови

Растат тензиите меѓу Франција и Турција


Турци демонстрираат во близина на францускиот парламент во Париз.

Турци демонстрираат во близина на францускиот парламент во Париз.

Долниот дом на францускиот парламент го изгласа законот со кој кривично ќе се одговара за негирањето дека убивањето милиони Ерменци за време на Отоманската империја било геноцид. Турција веќе најави мерки против Франција.

Во законот се предвидува казна од една година затвор и 45 илјади евра доколку некој одбива да признае дека убивањето Ерменци во текот на Првата светска војна од страна на тогашниот турски режим било геноцид.
Можам јасно да кажам дека бесмислениот чекор што го презема претседателот Никола Саркози за да добие гласови ќе им наштети на односите меѓу Турција и Франција.

Прифаќањето на законот, како што е соопштено во Анкара, ги нарушува односите меѓу двете земји. Шефот на турската дипломатија Ахмет Давутоглу изрази надеж дека францускиот парламент ги претставува вредностите кои, како што рече, Франција ја прават Франција.

„Никој не може да очекува од нас да премолчиме. Го разгледавме ова прашање со премиерот и со претседателот. Се надеваме дека Франција нема да преземе таков чекор против големото и старо пријателство и против француските вредности заради политички и изборни проблеми“, изјави Давутоглу.

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган најави повеќе мерки кои, како што изјави, ќе бидат спроведувани постепено, односно во неколку фази.

„Ние ќе имаме низа мерки. Но, можам јасно да кажам дека бесмислениот чекор што го презема претседателот Никола Саркози за да добие гласови ќе им наштети на односите меѓу Турција и Франција.“

Според официјална Анкара, вистинската причина за предложениот закон се 500-тините илјади француски гласачи со ерменско потекло и изборите кои ќе се одржат за пет месеци.

Претседателот Саркози, како што стојат работите, не може да го стопира законот, дури и да го сака тоа, бидејќи тој не бил на иницијатива на владата.

Тоа е неможно и поради тоа што Саркози кој е голем критичар на турскиот обид да влезе во Европската унија, веќе ја предупреди Анкара дека доколку Турција не го признае убивањето на Ерменците за геноцид, Франција ќе донесе соодветен закон за тоа.

Франција и е петти најголем извозен пазар на Турција, која пак на шесто место го има увозот на француски производи. Меѓусебната трговска размена од јануари до ноември оваа година изнесуваше над 13 милијарди долари.

Повеќето историчари се согласуваат дека убивањето на околу милион ипол Ерменци во источна Турција за време на Првата светска војна било смислена политика на геноцид на Отоманската империја.

Од своја страна, Анкара обвинува дека исто така илјадници Турци и Курди биле убиени откако руските сили влегле во источниот дел на Анадолија и оти тоа го сториле со помош на ерменски милитанти.

Турција и Ерменија во пред две години потпишаа мировен договор со кој се предвидува формирање комисија за да ги испита настаните од 1915 година, обновување на на дипломатските односи и отворање на границите.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG