Достапни линкови

logo-print

Последните американски војници го напуштија Ирак


Последниот конвој од стотина оклопни возила со околу 500 американски војници ја помина ирачко-кувајтската граница.

Заврши повлекувањето на американската војска од Ирак. Последниот конвој од стотина оклопни возила со околу 500 американски војници ја помина ирачко-кувајтската граница и ја напушти земјата, соопшти американската армија.

Американскиот претседател Барак Обама вчера во Белата куќа изјави дека „оваа недела се одбележува историски момент во животот на нашата земја и на нашата армија“.

Тој рече дека по заминувањето на американските војници иднината на Ирак останува во рацете на Ирачаните.

„Овој извонреден успех е овозможен со напорна работа и жртвување на мажите и жените што имаа храброст да и служат на државата. Од тоа може да се научи лекција – лекција за нашиот карактер како нација“, изјави Обама.

САД извршија инвазија во Ирак во 2003 година во потрага по оружје за масовно уништување. Ирачкиот диктатор Садам Хусеин беше соборен, но оружје за масовно уништување не беше најдено.

Во војната што почна во март 2003 година загинаа околу 4.500 американски војници и повеќе од 100 илјади Ирачани.

Неколку стотини американски војници остануваат во Ирак да спроведуваат тренинг на ирачките сили и да ја обезбедуваат американската амбасада.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG