Достапни линкови

Војвотката на чардашот ќе заигра во МОБ


Оперетата Војвотката на чардашот, најуспешното дело на унгарскиот композитор Емерих Калман, премиерно ќе биде изведено утревечер од 20 часот, во Салонот на Македонската опера и балет.

Војвотката на чардашот, една од најпознатите и најпопуларни оперети и убедливо најзначајното дело на славниот унгарски композитор Емерих Калман конечно ќе ја види и македонската публика. Во ова остварување во три чина кое светската премиера ја имало на 17 ноември 1915 година во театарот Јохан Штраус во Виена, низ прекрасната музика со пикантни париски шансони, стари виенски валцери и стилизирана циганска музика, раскажана е приказната за навидум безнадежната љубов меѓу кабаретската ѕвезда Силва Вареску и кнезот Едвин Липерт.
Улогата на Силва Вареску за мене беше голем предизвик бидејќи таа е една енергична жена, пред се ѕвезда на сцената, во играње, во пеење и ја води целата претстава.
Благица Поп Томова, оперска пеачка.

„Улогата на Силва Вареску за мене беше голем предизвик бидејќи таа е една енергична жена, пред се ѕвезда на сцената, во играње, во пеење и ја води целата претстава“, истакнува певицата Благица Поп Томова, која ја толкува главната улога и која по втор пат се појавува во едно вакво музичко-сценско дело.

Од друга страна, нејзиниот партнер Ѓорѓи Цуцковски, кој своето деби на сцената на МОБ го имаше на 19-годишна возраст во оперетата Новакот од Штраус, по цела една декада повторно се најде пред предизвикот да се зафати со една ваква одговорна задача.

„Едвин е еден млад војвода кој се заљубува во една војвотка на чардашот која не припаѓа на неговото аристократско општество, меѓутоа љубовта секогаш победува. Се што може да кажам е дека тематски оваа оперета е навистина едно големо освежување на нашиот репертоар. Топло ја препорачувам на сите обожаватели на уметноста затоа што навистина е нешто различно.“
Едвин е еден млад војвода кој се заљубува во една војвотка на чардашот која не припаѓа на неговото аристократско општество, меѓутоа љубовта секогаш победува. Се што може да кажам е дека тематски оваа оперета е навистина едно големо освежување на нашиот репертоар.
Ѓорѓи Цуцковски, оперски пејач.

Во останатите улоги ќе се појават Теофил Николовски, Лидија Нацоска, Александра Лазароска – Василевски, Катерина Стојановска, Елена Петрушевска, Драган Ампов, Дејан Стоев и Ернест Ибраимовски, а настапуваат и хорот, оркестарот и балетот на МОБ.

Диригент на Војвотката на чардашот е Австриецот Уве Тајмер. Тој во Скопје допатува на покана на неговата сонародничка, режисерката Урсула Хорнер, која во изминативе неколку години во нашата национална оперска куќа ги има поставено Италијанка од Алжир, Бал под маски, Клинг-кланг, Пепелашка и други. За сценографијата на претставата се погрижи Марија Ветероска, кореографка е Саша Ефтимова, костимите ги подготви модното студио Елена Лука, а првиот човек на МОБ – Дејан Прошев вели дека станува збор за оперета со интересна содржина и ведра музика и за остварување кое ќе ја разведри публиката.
Кон ова само уште информацијата, дека репризата на Војвотката на чардашот ќе биде во вторник на 20 декември во истиот термин – 20 часот.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG