Достапни линкови

Даноци бараат, а субвенциите доцнат


Нема пласман, субвенциите доцнат, откупувачите должат пари, а државата си ги бара давачките. Тежок е животот земјоделски, се жалат фармерите.

Давачки кон државата - за стоката, за сеидба, за обработка, а пласман нема. Не е лесно во државата да си земјоделец. Ако било лесно сите ќе биле земјоделци, ни раскажува фармерот Зоран Ангелковски од скопско. Пари за ова, пари за она, пласман загарантиран нема, од субвенциите нема некое фајде, да земам кредит од каде после ќе го вратам, се прашува фармерот Ангелковски. Тој вели дека му пропаднале пари за млекото и од скопска млекара и од Сведмилк, а државата за истите му наплаќа данок.
Данок на доход ми одбиваат 100 илјади за 2008, а јас со 18 денари(цена за литар млеко), не можам да покријам трошоци, а они ми одбиваат данок. Наместо да рече државата - Што, чува крави?!, па нека седи таму, нека не ми смета во градот, да не биде социјален случај. А јас кој данок да го платам со 18 денари за литар?
Зоран Ангелковски, фармер.

„Данок на доход ми одбиваат 100 илјади за 2008, а јас со 18 денари(цена за литар млеко), не можам да покријам трошоци, а они ми одбиваат данок. Наместо да рече државата - Што, чува крави?!, па нека седи таму, нека не ми смета во градот, да не биде социјален случај. А јас кој данок да го платам со 18 денари за литар?“
Некој со трактор, а некој со магаренце.
Некој со трактор, а некој со магаренце.

Владата испланирала следната година да издвои 130 милиони евра за субвенционирање на земјоделството. Субвенции можат да земат сите оние што се занимават со земјоделство, без разлика дали им е примарна дејност или им е дополнителна. Но тој што зема, треба и да дава, односно да и врати на државата во форма на даноци. Ако земјоделецот оствари приход помал од 5.000 евра годишно, тогаш е ослободен од плаќање на данок, ако годишниот приход им е од 5 до 10 илјади евра, тогаш плаќаат одреден процент на данок, вели Андрија Секуловски од Федерацијата на фармери на Македонија. Со субвенциите има неколу проблеми, вели Секуловски, прво тие се временски неодредени, второ луѓето се неинформирани како да аплицираат, а трето е тоа што настануваат и грешки во институциите.
Еве сега цела 2011 помина, викаат ќе се добијат субвенции, секој некаде се задолжил, а кога ќе добијат не знаеме.
Андрија Секуловски, Федерација на фармери на Македонија.

„Еве сега цела 2011 помина, викаат ќе се добијат субвенции, секој некаде се задолжил, а кога ќе добијат не знаеме. Луѓето се неинформирани, тоа е најголемата заблуда и така се грешат многу работи. А имаме и такви примери кога апликантот е одбиен, затоа што катастарот двојно регистрирал некој топоним, со две имиња регистрирал една парцела и во платежна агенција се одбива таквото барање.“

Фармерот Англековски се сомнева и во начинот на субвенционирање.

„Купиле шест трактори едни луѓе. Јас кога им кажав дека мојот татко пред 30 години купил трактор, а јас сега не можам да го репарирам, гуми и ред други работи да го оправам. Тие луѓе до вчера оделе со магариња, а сега купиле ете на било каков начин, е се гледа колку ни оди напред земјоделието.“

Од стопанската комора испратиле до владата предлози за подобрување на земјоделството и за подобра поделба на субвенциите планирани за следната година. Од таму велат дека со помош на субвенциите, земјоделското производство не расте, туку само опстојува на пазарот. Тие предлагаат субвенциите еднакво да се распределуваат, а земјдоелците да се окрупнат за да станат конкурентни на пазарот.

„Имаме толку субвенции, а во повеќето земјоделски гранки нема позитивни движења. 30 проценти од обработливата површина не е искористена. Оние дејности што останаа на пазарот, како виното, зеленчукот, тутунот – прашање е дали ќе опстанеа без субвенциите“, вели Стојмирка Тасевска од Стопанска комора.

И од федерацијата на фармери го зборуваат истото. Не е работата само еве ти земјиште и биди земјоделец, вели Андрија Секуловски.

„Имаше такви примери, на луѓе кои што беа стечајци им дадоа земјиште, по 2-3 хектари и ај сега тие ќе станат земјоделци. Проблемот е што тие немаат механизација, не се стручно подготвени и сега ај преку ноќ да станат земјоделци. И на крај кога ќе произведат на такви мали површини, нивниот производ не е конкурентен и не може да постигне цена.“
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG