Достапни линкови

ЕУ ги враќа визите за Западен Балкан?


Владите на Европската унија ќе бидат во можност брзо да ги обноват визите за земјите од Западен Балкан во случај на ненадеен прилив на мигранти. Станува збор за нови правила што синоќа во Брисел ги договорија министрите за внатрешни работи на Унијата.

Со новиот механизам може по итна постапка во вонредни ситуации и на одредено време да се врати обврската за поседување визи за граѓаните од земјите на Западен Балкан.

До оваа одлука дојде по загриженоста за нагло зголемување на азиланти од источно европските земји, главно Роми, и ја рефлектира загриженоста од можен бран мигранти во Европската унија.
Холандскиот министер Герд Лерс

Холандскиот министер Герд Лерс


Повеќето граѓани од Балканот сега без визи можат да патуваат во земјите од таканаречената Шенген зона. Тоа доведе до зголемување на бројот на оние што бараат азил, особено во Германија, Белгија, Луксембург и Шведска.

„Ако имате врата со најдобри брави на светот можете да кажете дека таа е технички безбедна. Значи никој не може да влезе внатре. Но, ако човек стои пред вратата и му ја отвора на оној што му се допаѓа, тогаш таа не е безбедна“, вели холандскиот министер за имиграција Герд Лерс.

Всушност со новите правила се олеснува постапката за обнова на визите.
Ни требаат мерки за да обезбедиме дека визната либерализација се применува на фер начин.

Според сегашната регулатива, за да се дојде до повторно воведување на визите треба да се покрене процес кој може да траае и неколку години.

„Доколку се појави злоупотреба, ќе биде полесно за Европскиот совет да дејствува. Ни требаат мерки за да обезбедиме дека визната либерализација се применува на фер начин“, вели еден претставник на Европската унија за агенцијата Ројтерс.

Предлогот го изработи Европската комисија и се однесува на ситуации кога брзо расте бројот на азиланти или на лица кои го пречекоруваат дозволениот престој од три месеци во Шенген зоната.

За овие нови правила кои ја рефлектираат загриженоста од илегалната, но и легалната миграција, како и стравот на европејците притиснати од буџетските кризи треба да се изјасни и Европскиот парламент.

Брисел во декември 2009 година ги укина визите за Шенген зоната за граѓаните на Македонија, Црна Гора и Србија, а една година потоа и за Босна и Херцеговина и Албанија.

Во моментов Брисел работи на укинување на визите за Молдавија и Украина, односно бара од нив да ги исполнат истите услови како и претходните земји. На утрешниот состанок меѓу Русија и Европската унија се очекува сличен план да биде обелоденет и за Русија.

Досега најголем проблем беше доаѓањето на голем број лажни азиланти од Србија и Македонија, а во последно време бил зголемен и бројот на лицата од Албанија кои илегално остануваат во Унијата.

Одвоено, министрите за внатрешни работи на Европската унија се согласија Лихтенштајн да влезе во Шенген зоната. Оваа малечка земја меѓу Швајцарија и Австрија ќе ги укине граничните контроли на 19 овој месец.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG