Достапни линкови

logo-print

Клег - Британија ризикува маргинализација во ЕУ


Потпретседателот на британската влада Ник Клег.

Потпретседателот на британската влада Ник Клег.

Потпретседателот на британската влада Ник Клег оценува дека Велика Британија ризикува да остане „изолирана и маргинализирана“ во ЕУ, откако премиерот Дејвид Камерон одби да го прифати изменетиот договор на Унијата.

„Горко сум разочаран од резултатите на овонеделниот Самит зашто сметам дека сега постои реална опасност, Велика Британија да остане изолирана и маргинализирана во ЕУ“, изјави Ник Клег, кој важи за проевропски либерал-демократ.

Тој вели дека ќе се бори против излегувањето на Велика Британија од ЕУ со „сите средства“ зашто тоа би и нанело голема штета на земјата и би ја претворило во „џуџе“.

Клег сепак негира дека владината коалиција е пред распаѓање.

„Тоа би било уште поштетно за нас како држава, ако владината коалиција сега се распадне. Тоа може да предизвика економска катастрофа во земјата во време на голема економска несигурност.“

Лидерите на 23 членки на ЕУ во петокот се договорија за нов договор со кој ќе се откажат од клучните овластувања при креирањето на сопствените буџети, со цел да се сузбие должничката криза во еврозоната.

Договорот го потпишаа 17-те земји од еврозоната и Данска, Литванија, Летонија, Полска, Романија и Бугарија. Велика Британија категорично го одби договорот, а Шведска, Унгарија и Чешка оставија можност да го потпишат во иднина.
XS
SM
MD
LG