Достапни линкови

logo-print

Талибанците негираат дека преговараат со пакистанската влада


Заменик-шефот на Талибанците во племенската област Баџаур, Мула Дадула.

Заменик-шефот на Талибанците во племенската област Баџаур, Мула Дадула.

Портпаролот на пакистанските Талибанци ги негираше тврдењата на еден талибански командант дека водат мировни преговори со пакистанската влада. Гласноговорникот на организацијата Техрик-е-Талибан Пакистан, Ехсанула Ехсан, за новинската агенција Асошиејтед прес, изјави дека тие не се вклучени во преговори со владата.

Неговата реакција доаѓа, откако заменик-командантот на организацијата, Маулви Факир Мохамад изјави дека неговите луѓе преговараат со владини претставници за окончување на четиригодишниот бунт.

Заменик-шефот на Талибанците во племенската област Баџаур, Мула Дадула, пак, за Радио Слободна Европа изјави дека Мохамад не бил овластен да преговара во име на организацијата.

Пакистанскиот премиер Јусуф Раза Гилани, запрашан за наводните преговори, рече дека неговата влада е во „континуиран процес“ за справување со талибанските милитанти, но одби да ги потвди наводите дека преговорите се во тек.

Какво било примирје меѓу пакистанските Талибанци и владата веројатно ќе ги зголеми тензиите меѓу Исламабад и Вашингтон. Американските сили и нивните сојузници од НАТО често се мета на напади од Талибанците во пограничната област меѓу Авганистан и Пакистан, а американската влада го обвинува Исламабад дека не прави доволно во борбата против Талибанците.

На крајот на септември, пакистанската влада вети дека ќе „му даде шанса на мирот“ и оти ќе разговара со Талибанците. Досегашните примирја со организацијата Техрик-е-Талибан Пакистан не донесоа стабилност.
XS
SM
MD
LG