Достапни линкови

Аникорупциска комисија или приврзок на власта


Претседателот на Антикорупциската комисија Воислав Зафировски.
Претседателот на Антикорупциската комисија Воислав Зафировски.

Опозицијата тврди дека Антикорупциската комисија е приврзок на ВМРО-ДПМНЕ и дека функционира како продолжена рака на власта.

Сите обвиненија од опозицијата за работата на антикорупциската комисија, која според нив наликува на продолжена рака на власта, се само „женски муабети“ кои не заслужуваат коментар, вели претседателот на Антикорупциската комисија Воислав Зафировски во интервју за Радио Слободна Европа што ќе се емитува в недела. Тој додава дека нема таков впечаток оти комисијата е приклонета кон која било страна, затоа што таа работи согласно законот.
Опозицијата имаше можност, право и обврска, сите свои забелешки по однос на кадровските решенија да ги каже во рамките на Собранието.[...]Тие таму не се појавија, така што сите разговори надвор од официјалните места наликуваат на женски муабети кои едноставно не заслужуваат коментар.
Воислав Зафировски, претседател на Антикорупциската комисија.

„Опозицијата имаше можност, право и обврска, сите свои забелешки по однос на кадровските решенија да ги каже во рамките на Собранието на Република Македонија и во рамките на комисијата за избори и именувања. Тие таму не се појавија, така што сите разговори надвор од официјалните места наликуваат на женски муабети кои едноставно не заслужуваат коментар.“

Од друга страна, пак, опозицијата во неколку наврати тврдеше дека Антикорупциската комисија е приврзок на ВМРО-ДПМНЕ и дека функционира исклучиво како продолжена рака на власта.

Дел од причините за ваквите обвинувања се иницијативата на комисијата за кривично гонење на СДСМ поради нерегуларностите во извештаите за финансирање на политичките кампањи, како и за непостапувањето по извештаите на ВМРО-ДПМНЕ, во кои се појави разлика од околу 3 милиони евра од потрошените пари и оние кои се обезбедени за изборната кампања.

Зафировски вели дека иницијативата за кривичното гонење на СДСМ се уште е во изработка додека за владејачката партија не може да се покрене постапка затоа што се уште е нејасно дали станува збор за донација од медиумите за партијата или пак таа ќе си го исплати долгот во наредниов период.
Антикорупциска денеска промовира таканеречена автоцензура, односно без никој воопшто да ви сугерира, таа едноставно доволно е да ги одмолчи или пролонгира деликатните предмети и на тој начин да биде на линија на актуелната власт.
Драган Малиновски, поранешен антикорупционер.

„Комисијата не може да покрене постапка не само за тоа прашање туку и за останатите прашања кои се врзани со должничко- доверителни одниоси меѓу два субјекта. Се она што според законот може да биде санкционирано ние го санкционираме. Овдека станува збор за договор меѓу два правни субјекта, начинот на исплатата останува под голем знак прашалник.“

Во ваква состојба, само по себе се наметнува прашањето колку политиката се меша во работата на комисијата и борбата против корупција.

Поранешниот член на антикорупциската комисија Драган Малиновски вели дека општиот впечаток е оти комисијата внимава колку нејзините одлуки се во линија со актуелната власт.

„Имавме ситуации во кои Антикорупциска многу брзо се обидуваше да затвори некои случаи кои беа поприлично деликантни за одредени делови на извршната власт пред се во делот на ревизорски извештаи каде што беа констатирани неправилности во работата. Таа навистина со неверојатна брзина се произнесуваше дека таму нема ништо дека е се во ред, на некој начин се јавуваше и како филтер оние констатации на независни државни органи како што е државниот ревизор, медиуми или невладини организации, каде што се посочуваше на некои коруптивни случаи, тие брзо, брзо, на некој начин го затвараа случајот како беспредметен.“

Тој додава дека во изминативе 5 години имаме власт која претрпе малку промени во својата структура и сосем природно е Антикорупциската комисија да се занимава токму со она што власта го чинела во овие години.

„Антикорупциска денеска промовира таканеречена автоцензура, односно без никој воопшто да ви сугерира, таа едноставно доволно е да ги одмолчи или пролонгира деликатните предмети и на тој начин да биде на линија на актуелната власт. Во ретките случаии кои се произлезени од комисијата, а кои завршиле веројантно во обвинителството без никакво сознание што натаму се случува. Ако они констатираат некои неправилности и го достават до обвинителството, тоа е буквално „алиби“ постапување без никаква ефективна разрешница.“

Една од основните забелешки во извештајот на Европската кмисија е токму борбата за спречување на корупција. Во извештајот е наведено дека надлежните органи задолжени за борба против корупцијата продолжуваат да работат со недостиг на проактивен приод и дека не успеале да ги отфрлат широко распространетите обвинувања за корупција во клучните области на загриженост како што се јавните набавки и финансирањето на политичките партии. Во извештајот е наведено и дека не се решени ни случајите за кои комисијата препорачува кривично гонење за злоупотреба на јавните средства од 2009 и 2010 и истите се вратени од Јавното обвинителство.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG