Достапни линкови

Дневен печат - Македонија победи во Хаг


Исходот од судскиот процес на Македонија протв Грција пред Меѓунардониот суд на правдата во Хаг - главна тема во дневните весници.

„Македонија ја победи Грција во Хаг“ - Вечер; „Голема победа на малите народи“ - Нова Македонија; „Хаг пресуди дека Грција ни ставила вето во НАТО“ - Утрински весник. Ова, се насловите во домашниот печат по одлуката на Меѓународниот суд во Хаг, но во исто време, Утрински ја поставува дилемата: „Силно оружје или само морална победа?“, затоа што како што потсетува, пораката во изјавите европските и американски функционери останува иста: „Прво името, па после НАТО“.
Силно оружје или само морална победа?

Дневниот Фокус со подбивен наслов: „Треневски не го реформира НАТО“, објавува наслов заснован врз заклучокот на амбасадорот на Македонија во Евроатлантската алијанса, Мартин Треневски, дека неговите иницијативи за реформи не наишле на разбирање кај функционерите на Алијансата. Треневски, потсетува весникот, на заминување на новата функција во Брисел, пред неколку години, амбициозно најави дека ќе работел на реформирање на НАТО за да овозможи прием на земјата во Алијансата.

Отровен чад излегува од оџаците на Фени.
„Владата го брани македонскиот јазик во Брисел, а го нападна дома“, информира под овој наслов Утрински, за силниот гнев, како што пишува, на Филолошкиот факултет во Скопје, меѓу професорите и студентите, поради изјавите на министрите Кралев и Ристoвски катедрите за македонски јазик и книжевност да се стават во „сукцесивно мирување“, што практично би значело нивно укинување.

Судбината на еврото длабоко ги засегна и нашите монетарни власти, па гувернерот на Народна банка, Богов, преку медиумите ја испрати пораката граѓаните да не паничат: „Останете со ладни глави, не брзајте со менување на депозитите“, го цитира Утрински; „Не чепкајте ги заштедите“, насловува Дневник, а Вечер, како наслов ја вади пораката на Богов: „Еврото нема да пропадне, заштедите ви се сигурни“.

Утрински информира дека македонските бизнисмени си ги бараат парите што на нивните компании им ги должат државните институции и министерствата. Утрински, исто така пишува и за редовната појава Јавниот обвинител да ги става во фиока ревизорските извештаи за работењето на јавните претпријатија, каде што се наведуваат огромни финансиски малверзации.

Вечер ги пренесува шпекулациите во јавноста дека се подготвува „Нов струен удар од 7%“, а Нова Македонија ги објавува обвинувањата на СДСМ дека Владата нема решение за невработеноста.

По стивнувањето на вревата околу Топилницата во Велес, дали да се рестартира или не, медиумите кампањски им сервираат на конзументите теми од екологијата: покрај реакциите за загаденоста на воздухот во Скопје, што ги обработуваа сите домашни медиуми, Дневник предупредува со наслов: „Отровен чад излегува од оџаците на Фени“.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG