Достапни линкови

Охриѓани не сакаат градот да им стане како Скопје


 Охрид, Чаршија.
Охрид, Чаршија.

Охриѓани стравуваат од градежната експанзија. Градот да не ни заличи „на бетон и камен како Скопје“, велат дел од анкетираните жители на градот.

Древниот Лихнид, како што бил наречен Охрид во минатото, е посебен град кој со реткото природно и културно-историско наследство, таложено на неговата почва преку многу цивилизации со векови, па и милениуми, со која вредност тој е и единствениот локалитет кој кај нас со езерото е под светската заштита на УНЕСКО, не треба да биде конзервиран град музеј, каде најевидентни се урбанистичките промени, но не и живите активности кои треба овој град познат секаде во светот, да го направат поубаво место за квалитетен живот на граѓаните и гостите, оценуваат неговите жители.
Во текот на целата година да се организираат манифестации од различен вид, за да не личи на мртов, напуштен град, кој егзистира само во летниот период, да се внимава со се позачестената изградба на градежните објекти без станари, што го намалува провевот во градот, да не заличи на бетон и камен како Скопје.
Анкетиран граѓанин на Охрид.

Патрониот празник на Охрид, Свети Климент, кој на 8-ми декември како државен празник, се слави како заштитник на градот, беше повод да ги прашаме охриѓани, како го доживуваат и што му недостасува на нивниот град.

„На нашиот град Охрид, познат туристички центар со значајни историски и други вредности, потребни му се овие промени - во текот на целата година да се организираат манифестации од различен вид, за да не личи на мртов, напуштен град, кој егзистира само во летниот период, да се внимава со се позачестената изградба на градежните објекти без станари, што го намалува провевот во градот, да не заличи на бетон и камен како Скопје, загаден и опасен по човечкото здравје. Охрид треба да живее постојано, да се радува на се што му нуди природата и сериозниот човечки фактор.“
Митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј е годинашен добитник на наградата Свети Климент Охридски.
Митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј е годинашен добитник на наградата Свети Климент Охридски.

Недостасува многу повеќе суштина, повеќе живот и дефинитивно што повеќе културни настани, она кон што тежнее и му е неоходно на овој град.
Анкетиран граѓанин на Охрид.
„Се сеќавам на една реплика ’Охрид е преубав, ама ајде издржи го‘. Во 21 век, квалитетот на живеење не е само со, во и за природа. Охрид е празен, пуст и живее само базично егзистенцијално. Значи, недостасува многу повеќе суштина, повеќе живот и дефинитивно што повеќе културни настани, она кон што тежнее и му е неоходно на овој град. Сепак би издвоила дека најмногу фали граѓанска иницијатива и свест, делување преку проекти за подигнување на граѓанската свест, и тоа апсолутно во сите области на живеењето“, велат жители на Охрид од различни генерации.

Тие апелираат до локалната и централна власт да го заштитат градот од нарушување на неговата автентичност во трката по профит, како долг кон минатите и влог за идните генерации, но и до граѓаните да се изборат за вистинско урбано живеење со содржини што на Охрид му доликуваат.

Годинава за прв пат највисокото градско признание, наградата Свети Климент Охридски отиде во свештени раце, кај надлежниот владика Тимотеј кој во тридецениското службување во Охрид оставил многу вредни дела во црковниот и духовен развој на градот, градејќи и возобновувајќи околу 200 црковни објекти.

„Наградата Свети Климент претпоставувам дека на секој граѓанин на Охрид, па и на Македонија, претставува чест и задоволство, па не се исклучувам и самиот тука како како архиереј на Македонската Православна Црква. Така што навистина ми претставува големо задоволство и голема чест“, изјави митрополитот Тимотеј.

Добитници на повелбите Свети Климент се професорката по физичка култура Соња Думбалова-Делова, универзитетскиот професор Јован Шиковски и претседателот на Младинскиот совет Димче Каневче.

Патронот на Охрид се слави со свечени академии на основното училиште и гимназијата што го носат Свети Климентовото име, со промоции, изложби и петгодишниот јубилеј на првиот електронски весник во земјава Ohridnews.
XS
SM
MD
LG