Достапни линкови

logo-print

Златна година за македонското карате


Дејан Недев на ЕП во карате во Израел.

Дејан Недев на ЕП во карате во Израел.

Дејан Недев, нашиот најдобар натпреварувач во традиционално карате, минатиот месец на ЕП во Израел, освои злато, а со репрезентацијата освои и сребро.

Годината која што полека изминува, на спортски план ќе ја паметиме и по најголемиот успех во историјата на македонското традиционално карате. Минатиот месец, во овој спорт го добивме првиот европски шампион, вредна титула, до која дојде Дејан Недев.

Од Европските првенства во сениорска конкуренција ова е прво злато, не само за мене, туку и за каратето во Македонија. Многу ми е драго што оваа година го освоив, затоа што се совпаѓа со нашиот јубилеј - 20 години постоење на македонската репрезентација во традиционално карате.
Станува збор за нашиот најдобар натпреварувач во традиционално карате, кој на Европското првенство во Израел, со репрезентацијата освои и сребрен медал, за уште поголемо задоволство од историскиот подвиг.

„Круна на мојата досегашна натпреварувачка кариера. Од Европските првенства во сениорска конкуренција ова е прво злато, не само за мене, туку и за каратето во Македонија. Многу ми е драго што оваа година го освоив, затоа што се совпаѓа со нашиот јубилеј - 20 години постоење на македонската репрезентација во традиционално карате. Многу пати бев блиску до освојување на овој медал, но оваа година бев малку посреќен и поспремен“, изјави Дејан Недев.

Тој под раководство на неговиот татко, селекторот на нашиот национален тим во традиционално карате, Венцислав Недев, во речиси дведецениска импресивна кариера, се закити со три титули европски вицешампион, како и со по две сребрени и бронзени медали од Светски првенства. Кога на сето ова ќе се додаде дека тој е и повеќекратен јуниорски европски првак, а во 2005-та година беше спортист на Македонија, јасно е дека станува збор за каратист кој освоил речиси се што може да се освои во кариерата. Сепак, тоа не значи и дека кај него повеќе нема мотиви за нови успеси во иднина, а пред се за наредната сезона, за кога најавува атак на нов мундијалски медал.

„И догодина не очекуваат исто така многу турнири и меѓународни првенства. Но, за нас најзначајно е Светското првенство кое во октомври месец ќе се одржи во Варшава. Моја желба, и желба на сите мои колеги од репрезентацијата е од ова првенство да се вратиме со медал, по можност да биде златен. Дали во екипна или во поединечна конкуренција не е важно“, додаде Дејан Недев, чија најголема желба е да настапи на една Олимпијада.

Имајќи предвид дека кариерата му е пред крај, а каратето се уште не е олимписки спорт, Дејан е свесен дека мали се шансите на најголемиот спортски настан да се појави како натпреварувач. Затоа, имајќи ги предвид и најавите дека наскоро ќе се постигне договор меѓу Светската карате федерација и Интернационалниот олимписки комитет, тој се надева дека олимпискиот сон ќе го оствари во идната, тренерска кариера.
XS
SM
MD
LG