Достапни линкови

Српско признавање на Косово


Официјална Приштина задоволна од постигнатата спогодба со Белград за интегрирано управување на границата со Србија. Според премиерот Хашим Тачи, спогодбата претставува српско признавање на Косово. Белград, пак, се надева дека овој потег ќе му го донесе статусот кандидат за Европската унија.

За време на презентирањето на спогодбата меѓу Приштина и Белград за интегрирано управување со границата, што беше постигната на последната рунда разговори меѓу двете страни со посредство на Европската унија, премиерот на Косово Хашим Тачи изјави дека станува збор за многу важен чекор за воспоставување на редот и законите на северот на Косово.

Оваа спогодба на еден или на друг начин претставува и де јуре признавање на Косово, односно на границата, од страна на Србија.
Хашим Тачи, премиер на Косово.
„Интегрираното управување со границата како европски модел гарантира брзо и лесно движење на луѓе и стока. Но, истовремено, оваа спогодба на еден или на друг начин претставува и де јуре признавање на Косово, односно на границата, од страна на Србија.“

Тачи прецизира дека на шестте гранични премини законите ќе ги спроведуваат косовските институции, додека ЕУЛЕКС ќе надгледува и ќе дава поддршка во примената на европските стандарди на интегрираното управување со границата.
Војници на КФОР ги отстрануваат барикадите кај Јагњеница.
Војници на КФОР ги отстрануваат барикадите кај Јагњеница.

„Што се однесува до нас, ние ќе го спроведеме она што е постигнато. Што се однесува до Србија, тоа зависи од притисокот на меѓународната заедница“, изјави косовскиот министер за внатрешни работи Бајрам Реџепи.

Српскиот претседател Борис Тадиќ, по чиј апел, но и по договорот на косовските срби и КФОР, дојде до отстранување на барикадата кај село Јагњеница, оцени дека станува збор за позитивен развој на настаните.
Маѓепсаниот круг на насилство во кој влеговме пред неколку дена мора да биде прекинат и затоа дојде до мојот апел.
Борис Тадиќ, претседател на Србија.

„Маѓепсаниот круг на насилство во кој влеговме пред неколку дена мора да биде прекинат и затоа дојде до мојот апел. Секоја друга политика која пред се ја уважува државната, а не човечката причина и зачувувањето на животите е повеќе од сомнителна, особено по искуствата од минатиот век.“
Борис Тадиќ и Херман ван Ромпуј во Брисел
Борис Тадиќ и Херман ван Ромпуј во Брисел

Во Белград, пак, иако без претеран оптимизам, очекуваат спогодбата со Приштина да ја приближи Србија кон Европската унија.

Потпретседателот на владата Божидар Ѓелиќ вели дека Србија сега е поблиску до статусот кандидат отколку што беше по петочниот говор на германската канцеларка Ангела Меркел во Бундестагот.

„Но, очигледно е дека политиката на притисок ќе продолжи. Нашата порака е јасна, подготвени сме на сите форми на договор, во прашање е регионалната соработка, но не и по цена на нашата државна политика спрема Косово.“

Српскиот вицепремиер со ова навести дека Европа не го заборава и барањето за претставувањето на Косово на регионалните собири.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG