Достапни линкови

logo-print

Од корупцијата на факултетите ќаруваат и студентите


Учесниците на трибината посветена на корупција во високото образование во организација на МОФ.

Учесниците на трибината посветена на корупција во високото образование во организација на МОФ.

Корупцијата е се поприсутна на факултетите, а многу од студентите свесно ја прифаќаат зашто имаат корист од тоа, покажало истражувањето на МОФ.

Само шест проценти од испитаните студенти на универзитетот Свети Кирил и Методиј сметаат дека поткупот како облик на корупција го нема на нивните факултети. Овој податок до кој дошле Младинскиот образовен форум и Антикорупциската мрежа на Југоисточна Европа е заклучок од нивното најново истражување на тема потткуп во високообразовните институции.
Студентот си влече бенефиции од самиот акт на учество во корумптивните активности.

Резултатите, меѓудругото, покажале дека една третина од испитаните студенти морале да имаат копија од книга на професорот за да положат испит кај него, но и дека 60 проценти од нив немаат проблем со тоа. Ова велат од Форумот, ни дава основа да се сомневаме дека корупцијата е се повеќе присутна на факултетите.
Протест на студенти во Скопје,2010

Протест на студенти во Скопје,2010


„Отворена е можноста за соработка со МОФ по однос на креирање на стратегии и планови за справување со корупцијата, но сметаме дека овие податоци треба да бидат расположливи за сите засегнати страни да ги користат при изработката на своите планови или кога ќе се алармира за одреден проблем“, изјави Дона Костуранова, претседател на Младинскиот образовен форум

Постои голема недоверба кон ректорот како фигура, меѓутоа студентите не го доживуваат како соодветен човек и соодветна функција каде што би ги пријавиле тие проблеми.
Целта на истражувањето е да утврдиме фактичка состојба, а врз основа на добиената слика, да се мобилизираат и охрабрат студентите да ја пријават корупцијата на нивните факултети, велат од оваа организација. Но она што е особено интересно е податокот дека многу од студентите свесно ја прифаќаат коруптивната пракса зошто имаат лична корист од истата.

„На прашањето: Дали би купиле книга?, најголем број од студентите велат- ДА, не би се противеле доколку професорот ми рече дека е задолжително, затоа што му е дозволено да полага, затоа што има опција да добие поголема оценка, затоа што може да препишува на самиот испит, значи студентот си влече бенефиции од самиот акт на учество во коруптивните активности“, изјави Марија Мирческа од МОФ.

Ваквото однесување на студентите и професорите во високото образование, зборува за пад на целиот вредносен систем во едно општество, предупредува професорот Илија Ацески од Филозофскиот факултет во Скопје. Последиците вели тој, ќе се сфатат предоцна и ќе бидат штетни за македонското образование.

„Професор во исто време ќе има кандидат од кој ќе земе 300 евра и кандидат од кој ќе земе 1.500 евра, во исто време имате еден таканаречен стар систем и имате еден таканаречен нов ситем.“

Дваесет и еден процент од испитаните студенти изјавиле дека не би пријавиле корупција никаде, оти најголема доверба имаат во Антикорупциската комисија, а најмалку кај ректорот.

„Постои голема недоверба кон ректорот како фигура меѓутоа студентите не го доживуваат како соодветен човек и соодветна функција каде што би ги пријавиле тие проблеми“, рече Петар Димитров од Антикорупциската студентска мрежа.

Истражувањето било спроведено на случаен примерок од 302 студенти од шест факултети.

Со цел да се поттикнат студентите да ги применат механизмите за спречување корупција, Антикорупциската студентска мрежа на Југоисточна Европа промовираше и студентски прирачник за истражување на корупцијата во високото образование.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG