Достапни линкови

logo-print

Бебешки плач во Беловодица по 37 години


Мајката Ангелина Трајкоска со малиот Андреј во прилепското село Беловодица.

Мајката Ангелина Трајкоска со малиот Андреј во прилепското село Беловодица.

Прв пат по 37 години бебешки плач внесе радост, среќа и безброј надежи на жителите на прилепското село Беловодица.

Неколку куќи со едвај 20 мештани се радуваат и со најубави желби на родителите им го честитаат раѓањето на синчето Андреј, гордоста на семејството Трајкоски.​
Големо е задоволството, на 38 години да заживее селово малку, еве Господ ми даде едно синче, в година ќерка или братче.

„Големо е задоволството, на 38 години да заживее селово малку, еве Господ ми даде едно синче, в година ќерка или братче..имаме помош од сестра ми и зет ми, од постарите, толку многу сум среќен“, вели таткото Митре Трајкоски.
Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески во посета на семејството Трајкоски во Беловодица.

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески во посета на семејството Трајкоски во Беловодица.


Пресреќна е и неговата сопруга Ангелина. Таа вели дека по раѓањето на синчето, животот им е многу убав, зашто целото внимание му го посветуваат нему. Иако животот во Беловодица не им е лесен, сега Трајкоски се преокупирани и полни со љубов за малиот Андреј.

„Тешко малку што нема превоз, но добро е сега со детето, таткото оди на работа, ама да, да многу помага, се. Заедно ќе го гледаме и чуваме, синчето“, вели мајката Ангелина, која е од Албанија и одлучила овде во Беловодица да основа свое семејство.

Како поддршка за одгледување на малиот Андреј и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески од името на Општината на семејството му предаде пригодни подароци.
Еве Андреј и примерот на семејството Трајкоски нека биде пример ова село повторно да заживее онака како што било пред 30 -40 години.

„За Андреј едно мече, алишта и секако еден чек од 10.000 денари. Со ова сакаме да дадеме еден импулс, со цел подобрување на наталитетот во Општина Прилеп и дека тоа е добро кога се случува и во населените места. Еве Андреј и примерот на семејството Трајкоски нека биде пример ова село повторно да заживее онака како што било пред 30 -40 години“, изјави градоначалникот Ристески, при посетата на семејството.

Во Беловодица нема веќе млади луѓе. Освен родителите на новороденото бепче Андреј, единствен млад жител е неговиот чичко.

„Нема млади во селото, уште брат ми, а жители има некаде околу 15 до 20“, забалежува Митре.

За да се врати животот во селото неопходно е да се решат уште многу инфраструктурни проблеми. Во секој случај направен е првиот голем чекор. Бебето Андреј и неговите родители остануваат да живеат во ова село.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG