Достапни линкови

Георгиевски - Власта прави карикатура на историјата


Неделно интервју: Човекот кој ја воскресна самостојна Македонија, денеска треба да објаснува дали е Македонец, вели поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, а сега почесен претседател на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски.

Господине Георгиевски, вашата партија на локално ниво е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Дали тоа значи дека сте задоволни од начинот на кој вашиот некогашен сопартиец, а сега премиер Никола Груевски ја води државата?

ВМРО-Народна партија мислам на повеќе места на локално ниво е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа на уште повеќе места на локално ниво е во коалиција со СДСМ. Значи ние имаме еден принцип, локалните советници согласно со тоа како ќе ја направат коалицијата и како ќе се договорат, така да ги пратат коaлициите. Така да не можете според локалните коалиции денеска да кажете каде сме. Ние јасно кажавме на последните парламентарни избори дека сме опозициски определена партија и тој стил и начин го продолжуваме. А, тоа значи дека не сме баш многу задоволни од актуелната Влада.

Дали според вас во Македонија владее демократија, пазарна економија, слобода на говорот?

Па мислам дека сите три прашања се под сериозен знак прашалник. Значи како да кажам, се уште некоја форма на сите тие три елементи, пазарна економија, слобода, демократија се одржува, меѓутоа сите три елементи се сериозно дерогирани како процеси и мислам дека ако не се направи нешто драматично да се вратиме повторно назад кон изворните принципи, дека Македонија повеќе во овој момент се движи кон тоталитарност отколку кон демократија.

Очигледни се вашите интенции да бидете во политиката, ве етикетираа како бугарофил, за вас имаше шпекулации дека имате бугарско државјанство. Дали некогаш сме имале дилема за вашиот македонски идентитет?

Моите интенции да бидам во политиката не се од сега, тие се дваесет години. Јас посотојано велам дека и кога не се борам за политика јас сум homo politicus, нели, човек кој дава свое мислење, свои ставови, а и како што гледате самите новинари бараат изјави околу сите тие работи.

Вториот дел на прашањето, мислам дека е малку апсурдно да се бара изјаснување по прашањето на идентитетот и чуството на идентитетот од човек кој практично кога зборуваше за самостојна и независна Македонија сите, мислам најголемиот број во оваа држава беа Југословени. Ако ги погледнете неговите историски интервјуа и говори мислам ќе видите дека нема друг политичар кој толку многу го употребил зборот „македонска нација“, човек кој се бореше и креираше максимум национален Устав, македонски национален Устав, така што нели кога ќе дојдеме до една ситуација да се поставува такво прашање, навистина не можам да кажам, до каде дојде парадоксот на Македонија - човекот кој ја воскресна и едно време сам зборуваше за самостојна Македонија, денеска треба да објаснува дали е Македонец. Да, апсолутно сметам дека јас сум припадник на македонската нација и македонскиот јазик.

Втора работа е што јас имам многу потпрашања за таа работа нели. Што е денеска македонскиот идентитет? Јас сметам дека денеска македонскиот идентитет, вие да речеме дека денеска доаѓате од страна како странец, и прошетата во Бања Лука, во Белград и во Македонија, ќе видите дека македонскиот идентитет се повеќе наликува на југословенски, српски идентитет. Тоа се веќе други прашања кои јас сакам перманентно да ги поставувам.

Денес македонскиот идентитет се става на маса. Кога би биле во позиција да го браните, со кој аргументи би го направиле тоа?

Прво, апсолутно она што сакаат денеска да ни го наметнат како државна политика за античка Македонија, јас го нарекувам карикатура, карикатура на историјата, затоа што нема врска. Македонскиот народ е бомбардиран секојдневно со лаги, со дезинформации, со документарни филмови каде што гледаме една грчка историја ја препишуваат и нели ја модифицираат. За мене е многу јасно дека има јасна поделба на она што се нарекува античка историја на Македонија и словенска историја. Јас се уште ја бранам тезата дека она на што ние можеме да се потпреме, а да не згрешиме, тоа е тој словенски идентитет, нели со втемелувачите на духовен план, со свети Кирил и Методиј, свети Климент, свети Наум. Тоа е таа историја каде што можеме единствено сериозно да газиме. И покрај тоа што мислам дека и од таа страна и во тоа немаме толку голема потреба за одбрана затоа што денеска модерниот идентитет се знае што е – Ако имаш држава, имаш идентитет, ако немаш држава практично немаш ништо. Затоа за мене логиката е многу едноставна, ако македонскиот народ веќе направил своја држава идентитетот произлегува токму од државноста и тоа е модерната формулација на проблемите.

Дали оваа Влада е способна за компромис со Грција, со цел евроатлантско интегрирање?

Не, мислам дефинитивно јас не гледам ниту еден знак од македонска страна. Тоа го судам според оние државни новинари кои секојдневно ја пропагираат нели политиката. Меѓутоа не мислам дека Владата нешто друго размислува, различно од она што го гледаме преку државните новинари и државната медиумска пропаганда. Ако тоа го судам, можам да кажам дека овие четири години ќе поминат во празно и дека оваа Влада најверојатно ќе добие уште едни избори благодарејќи на јаката одбрана на името.

Дали мислите дека одлуката во Хаг ќе влијае на преговорите меѓу Македонија и Грција?

Мислам дека ќе влијае месец, до два месеца, да бидеме овде полни со задоволство, да кажуваме колку сме силни, колку сме морални победници, меѓутоа на планот на спремноста да се реши компромисот тоа ќе ни одмогне и мислам дека таа одлука ќе влијае ништо да не се направи во идните две до три години.

Кога сме кај Грците, во медиумите, а и вашите политички противници ве обвинуваа за криминал при купопродажбата на Окта. Како го кометирате тоа?

Па тоа е десет години приказна. Нека го најдат криминалот. Јас само уште еднаш ќе кажам дека Окта беше пропадната фирма во Република Македонија требаше да ја затвориме за неколку месеци. Денеска од пропадната фирма, која имаше епитет „пропаднато железо“ сега е најголемата фирма во Република Македонија. Значи нешто се работи и за менаџерските екипи, не се работи... Многу е интересен парадоксот што Окта во рамките на Југославија помалку продаваше на југословенските пазари, отколку сега Окта со Грците во самостојна држава во Косово или да речеме во Јужна Србија. Значи ние треба да го погледнеме и тој дел на работата. Инаку има и втор елемент, Окта не е продадена на приватна компанија во Грција, туку на државна компанија во Грција, затоа што Окта во тоа време беше државна компанија, иако сега во најголем дел мислам е приватизирана, нели. Така што во Македонија толку многу пропаганда и приказни се раскажаа за таа Окта, што кога денеска Окта ја ставаат како единствена фирма во 500-тините најдобри фирми во југоисточна Европа, во Македонија никој не сака ни да ја доживее како македонска. Мене ми е жал што е така, меѓутоа јас се гордеам што од една фирма која требаше да биде затворена, денеска ја направивме најјаката фирма во Македонија.

Од што егзистирате денес?

Па имам неколку приватни бизниси, советник на некои места и така.

Како ја оценувате економската политика на Владата? За опозицијата, таа е маркетинг-кампања со која се задолжуваат земјата и граѓаните на повеќе генерации.

Проблемот со големото задолжување, бев еден од првите кој го промовираше во Македонија, затоа што како премиер успеав Македонија за четири години воопшто да не ја задолжам, а притоа да вратам стари долгови на нашата држава и покажав дека Македонија може да функционира и без задолжување. Во една таква насока можам да ви кажам дека Владата денеска го кажува тој аргумент дека Македонија не е задолжена, меѓутоа Македонија не е задолжена затоа што Македонија некој не ја претходно задолжил, претходно водел политика на незадолжување, ако ја погледнеме од доаѓањето до сега, практично македонскиот долг е дуплиран. Значи за овие пет години колку што владее оваа Влада, македонскиот долг е буквално дуплиран, како сума, како цифра и се плашам дека ова темпо ќе продолжи и во идната година затоа што гледам дека имаме тешка година. Сметам дека Владата секоја година проектира буџети кои не соодвествуваат на македонската економија, што значи дека уште повеќе се исцрпува македонската економија, се влечат пари, даноци, казни, сето она што се нарекува ригорозна финансиска политика, тоа е едната страна, а втората страна е после кога ги собираат парите во буџетот сметам дека ги користи за нерационални проекти.

Со оглед на политиката што ја води оваа Влада и на последниот Извештај, ќе добие ли Македонија датум за преговори со Европската унија?

Ние сакаме многу да добиеме датум, меѓутоа мислам дека нема да ни биде даден датум. Мислам пораките на Европската унија и на НАТО се јасни - решете го проблемот со името и веднаш ќе влезете во НАТО и веднаш ќе почнете преговори со ЕУ. Јас не знам зошто некои политичари и новинари во Македонија се обидуваат да не ја разберат пораката што е толку многу јасна и прецизна.

Кога ви реков дека е очигледна интенцијата да останете активни во политиката, мислев на тоа дека по изборите вашата партија не доби ниту еден пратеник, со што реално немате политичка моќ. Во таа смисла како го коментирате исходот од изборите? Дали свесно останавте на страна, со тоа што самостојно настапивте, а знаејќи го изборниот модел во земјава и дека се мали шансите за малите партии или едноставно немавте капацитет да се соочите со вашиот поранешен сопартиец, а сега премиер Никола Груевски?

Видете, како партиски активист во изминатите 10 години јас сум многу слабо активен, па и сега сум слабо активен, јас не одам по градовите, јас не држам партиски состаноци, меѓутоа ако ја погледнете мојата позиција со политичка присутност со изјави, сите овие 10 години сум бил присутен. И сега продолжувам да бидам присутен затоа што не можам да не ги кажам своите политички ставови. Тоа е едната димензија на проблемот. Втората димензија е, ние кога излеговме на овие последни парламентарни избори јасно кажавме дека овде сме за да промовираме и да поттикнеме некои прашања кои никој не смее да ги постави и да ги одговори. Ќе ве потсетам дека ВМРО Народна партија токму тоа го направи, затоа што беше единствената партија каја на последните парламентарни избори јасно кажа дека компромисот со Грција треба да се направи и дури кажавме како треба да се направи.

Втората димензија на прашањето кое го отворивме и за кое дискутиравме е проблемот со демократијата во Македонија, третото прашање кое пред малку го поставивте проблемот со задолженоста и некои други демократски прашања. Јас мојата улога во политиката не ја гледам во тоа по секоја цена да се освои некое место, не знам, да се биде градоначалник или да се биде парламентарец или министер, туку едноставно ја гледам политиката да се каже нешто да се промовираат и да се отворат некои врати. И мене ми е многу жал што тие прашања ги отворивме, но не беа прифатени, меѓутоа кога ќе погледнете во кој правец се движи Македонија, јас не можам да кажам дека се движи во најидеален правец.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG