Достапни линкови

logo-print

Слободата на печатот во Македонија алармантна


Македонската влада да преземе чекори за подобрување на влошената состојба со слободата на говорот и на медиумите во земјата. Ова се наведува во соопштението на Фридом хаус, меѓународна организација за ширење на слободите во светот со седиште во Вашингтон, која е дел од Меѓународната партнерска група чија делегација деновиве престојуваше во Македонија и разговараше со претставници на владата, но и на медиумите и невладините органицазии.

Слободата на медиумите во Македонија е алармантно влошена во изминатава година, оценува Паола Шрајфер, потпретседател на Фридом хаус, додавајќи дека итно се потребни реформи на законските рамки за медиумите и подобро спроведување на сегашните закони.

На таков начин, како што наведува таа, новинарите ќе бидат во можност да ја одиграат улогата на чувар на демократијата и да се обезбеди граѓаните да имаат пристап до независни и различни извори на информации.

Клучни заклучоци на делегацијата која престојуваше во Македонија се дека во земјата има отсуство на медиумски плурализам и различност и оти на медиумските сопственички структури им недостига транспарентност и одговорност. Македонските власти би требало веднаш да преземат ефективни чекори за имплементација на препораките од годинашниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјата и на ОБСЕ што се однесуваат на медиумите.

И додека употребата на јавните средства за рекламирање може да носи пошироки бенефиции, непропорционалното рекламирање на македонската влада неправедно го нарушува медиумскиот пазар и е хендикеп за медиумите кои ја критикуваат Владата.

Во заклучоците се додава дека владата би требало да ја декриминализира клеветата. Групата го поздравува уверувањето дадено од премиерот и од заменик премиерот за европски прашања, како и од шефот за комуникации на владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека владата е посветена да го стори тоа во почетокот на идната година.

Во заклучоците, како што наведува Фридом хаус, се додава дека имало селективна примена на законот, односно случаи на притворање менаџери на медиумски компании, што претставува алармантен пример кој е во спротивност со меѓународните и европските стандарди за човекови права.

Исто така се додава дека Владата, во оваа сесија на парламентот, треба да развие искрен јавен медиумски сервис кој нема да биде политизиран.

„И додека употребата на јавните средства за рекламирање може да носи пошироки бенефиции, непропорционалното рекламирање на македонската влада, се претпоставува дека владата е втор најголем извор на приходи од реклами во земјата, неправедно го нарушува медиумскиот пазар и е хендикеп за медиумите кои ја критикуваат Владата.“

Затоа се бара од неа да ги користи јавните средства за рекламирање на транспарентен и одговорен начин.

Во врска со процесот на лустрација, во заклучоците се оценува дека преку селективната примена тој претставува поткопување на тековниот демократски развој на Македонија. Политичарите, како што се додава, не треба да го користат авторитетот за жртвување новинари.

„Учеството на владата во новата работна група за медиуми и обврската да се вклучи во консултативен процес за предложената нова легислатива за медиумите се чекори во вистинска насока за слободата на печатот и на изразувањето“, оценува Шрајфер, додавајќи дека исто така е важно таквите напори да водат до закони кои ќе ја промовираат, а не ограничуваат слободата на печатот.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG