Достапни линкови

Охрид засега останува на листата на УНЕСКО


Охрид

Охрид

Градот Охрид засега останува на листата на заштитени градови од УНЕСКО, но мора да се работи на исправка на забелешките за урбанистичката деградација на градот.

Засега не постои опасност Охрид да биде избришан од листата на заштитени градови од УНЕСКО, но мора да се работи на исправка на забелешките кои најчесто се однесуваат на урбанистичката деградација особено на крајбрежјето на Охридското Езеро и на заштита на живиот свет во него. Надлежните апелираат дека не смееме да дозволиме Охрид, кој 31 година се под светската заштита, да се најде на црната листа на УНЕСКО.

„Официјално никогаш Охрид не се нашол на листата на локалитети во опасност, бидејќи согласно процедурите на УНЕСКО и комитетот за светско наследство, државите членки треба да се најдат на таа листа на локалитети со опасност и доколку не ги спроведат препораките на комитетот, кој еднаш годишно се состанува, тогаш тие се бришат од листата. Охрид не е во директна опасност, но, доколку не се почитува конвенцијата за заштита на светското културно наследство на УНЕСКО, на која како држава сме потписници, секако ќе може да се случи и тоа”, вели Лидија Топузовска, генерален секретар на националната комисија на УНЕСКО во Македонија.

Таа потенцира дека е тешко да се управува со регионот на Охрид и езерото, што е меѓу 28-те заштитени и како природно и културно наследство, како реткост на листата каде има 936 заштитетни локалитети, и затоа што е распространет на голема територија во Македонија и Албанија. Минатата година е изработен менаџерски план за управување, кој се проучува во УНЕСКО, кој заедно со ланскиот Закон за заштита на охридскиот регион како природно и културно наследство и годинашниот Закон за заштита на старото јадро на Охрид, треба да придонесат со нивна примена за зачувување на автентичниот изглед, но и за правилен развој на Охрид како културен и духовен и најголем туристички центар во Македонија.

„Потребна е заедничка координирана соработка меѓу сите институции, владиниот и невладиниот сектор, поголем мониторинг и казнени мерки, доколку не се спроведуваат законите како што треба. до-како што треба. И Охрид како и другите културни добра се соочува со големата експанзија на градење, на непочитување на крајбрежните зони, каде изникнуваат шанкови и други објекти. Тоа е укажувано од страна на невладини здруженија и граѓани, кои се жалеле до националната комисија, која ги спроведувала до ресорните министерства или институции задолжени за ваквите проблеми со кои се соочува Охрид и некои од нив биле разрешени брзо и ефикасно, но некои и натаму сме сведоци дека се уште постојат и некогаш се позасилени, а некогаш помали“, објаснува Топузовска.

Според неа, голема улога покрај државата, во управувањето со градот и непосредна заштита на неговите вредности има локалната власт, градските моќници и локалното население. На неодамнешната 36-та генерална конференција на УНЕСКО во Париз, Македонија за прв пат во својата историја, беше избрана за член на Извршниот одбор на УНЕСКО, што според упатените е одлична можност за промоција и реализација на за нас важни проекти.

За апликација за заштита на Охридското Езеро се подготвува и Албанија, а по 31 година од заштитата на Охрид, Македонија идната година очекува да биде прифатена нејзиното барање на листата на заштита на УНЕСКО да влезе и мегалитската опсерваторија Кокино, како наш втор локалитет.
XS
SM
MD
LG