Достапни линкови

Вести

Пападимос-Грција ќе ги потпише писмените обврски што ги бара ЕУ

Новиот грчки премиер, Лукас Пападимос
Новиот грчки премиер, Лукас Пападимос
Новиот грчки премиер, Лукас Пападимос изјави дека политичките лидери во земјата ќе ги потпишат писмените обврски за исполнување на мерките за штедење, кои ги бара Европската унија со цел да ги одблокира средствата неопходни на Грција за избегнување на банкрот.
За разлика од Нова Демократија која соопшти дека одбива да потпише било какви гаранции, а синдикатите во приватниот и јавниот секотор во земјата најавија 24-часовен штрајк на 1 декември.

види ги сите денешни вести

МИМ ги додели наградите „Никола Младенов“ за истражувачки стории

Македонскиот институт за медиуми ги додели наградите „Никола Младенов“ за истражувачки приказни
Македонскиот институт за медиуми ги додели наградите „Никола Младенов“ за истражувачки приказни

Македонскиот институт за медиуми (МИМ) на 19 март ги додели новинарски награди за истражувачки приказни „Никола Младенов 2023“. Првата награда ја доби новинарот Александар Димитриевски за истражувачка сторија, објавена во емисијата „360 степени“, со наслов „Од фирма за долна облека до надзор над проект од 1,3 милијарди евра со позајмени експерти“.

Според МИМ серијалот текстови и видео прилози на Димитриевски открива сериозни нерегуларности во тендерската постапка за избор на надзор врз најголемиот и најскапиот инфраструктурен проект во историјата на земјава - изградбата на автопатите од страна на конзорциумот Бехтел-Енка.

Втората награда отиде во рацете на новинарката Ирена Мулачка за серијалот текстови поврзани со случувањата на Клиниката за онкологија, објавени во неделникот „Фокус“.
Од МИМ соопштија дека Мулачка, преку серијалот текстови објавува фрапантни податоци за сериозни пропусти и малверзации во лекување на пациентите на Клиниката за онкологија и радиотерапија. По сториите надлежните институции преземаа порешителни чекори, соопштуваат од МИМ.

Третата награда ја доби новинарот Мартин Пушевски за серијалот текстови за борбата на граѓаните од Струмичката Котлина против отворање на рудникот „Иловица“, објавени на порталот „Дома“.

Од МИМ велат дека серијата текстови за „Иловица“ откриваат како рудникот стигна на чекор до добивање дозволи за работа, наспроти загриженоста и реакциите на граѓаните и на стручната јавност за штетите што можат да бидат предизвикани врз животната средина во Струмичката Котлина.

Наградата за Најиновативен новинарски производ ја доби тимот на Истражувачката репортерска лабораторија за истражувачкиот документарен филм „Убиство во Тетово“, емитуван на МТВ1 и на веб-страницата на ИРЛ.

Фоторепортерот Томислав Георгиев ја доби наградата за Најдобра репортерска фотографија за фотографијата „Црква“, објавена во интернет изданието на неделникот „Фокус“.

Пофалници за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најдобра истражувачка сторија добија новинарките Мирјана Мирчевска Јовановиќ, Славица Филиповска Иванова и Јасмина Јакимова. Додека пак, на редакцијата „Види Вака“ и на новинарката Катерина Топалова им беа доделени пофалници за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најиновативен новинарски производ.

Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година, наградата го носи името на починатиот новинар и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов.

Германија бара зелено светло за отворање на преговорите за членство на БиХ во ЕУ

Членка на протоколот го поставува знамето на Босна и Херцеговина пред самитот на ЕУ во Брисел на 23 јуни 2022 година.
Членка на протоколот го поставува знамето на Босна и Херцеговина пред самитот на ЕУ во Брисел на 23 јуни 2022 година.

Група земји-членки на Европската унија, меѓу кои и Германија, бараат зелено светло за отворање преговори за членство на Босна и Херцеговина во ЕУ пред самитот во Брисел. Од друга страна, како што пренесува АФП, се чини дека другите земји како Франција се двоумат околу продолжување на процесот.

Самитот на земјите-членки на Европската унија започнува на 21 март, а на него, меѓу другото, треба да биде соопштен и официјалниот став за отворањето на пристапните преговори на БиХ во ЕУ.

Сите земји-членки мора да го одобрат отворањето на преговорите за тие да започнат.

„Видовме јасен напредок во однос на реформите во Босна и Херцеговина во изминатите неколку месеци и исто така треба да го почитуваме тоа“, рече германската министерка за европски прашања Ана Лурман на состанокот во Брисел.

Руската инвазија на Украина повторно ги разгори напорите на Европската унија за проширување, а во декември минатата година земјите-членки се согласија да започнат пристапни преговори со Украина и Молдавија.

Босна и Херцеговина официјално е кандидат за членство од 2022 година.

Мислењето на Европската комисија (Авис) беше примено во мај 2019 година и во него се дефинирани 14 приоритети поделени во четири области: Демократија и функционирање на институциите, владеење на правото, фундаментални права и реформа на јавната администрација. БиХ треба да ги исполни овие работи за да започне преговори за полноправно членство.

Во декември 2023 година, лидерите на ЕУ изразија подготвеност да ги отворат пристапните преговори со БиХ и ја повикаа Комисијата во март да објави извештај за степенот на исполнување на клучните критериуми, што ќе биде основа за одлуката на лидерите на ЕУ.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претходно во март потврди дека оваа институција ќе препорача отворање на пристапните преговори за Босна и Херцеговина.

Притисокот за приближување на Босна до ЕУ е поддржан од голем број земји, вклучувајќи ги Австрија, Италија и Грција.

Но, некои, вклучувајќи ги Франција, Холандија и Данска, се поскептични.

Францускиот министер за Европа Жан-Ноел Баро рече дека Париз, откако БиХ станала кандидат, ги гледа нивните напори како „премногу ограничени“.

„Мораме да продолжиме да ги охрабруваме лидерите на Босна и Херцеговина да вложат напори за постигнување на поставените цели“, рече тој на средбата во Брисел.

Ако Босна и Херцеговина добие зелено светло на 21 март, ќе се соочи со реформски процес кој обично трае со години пред земјата конечно да се приклучи во ЕУ.

Ахмети: Руското влијание во Северна Македонија се врши преку партии и медиуми

Али Ахмети, претседател на ДУИ.
Али Ахмети, претседател на ДУИ.

Сега зависи како ги гледаме работите, но во време кога се движат стотици илјади воени трупи, кога Русија го загрозува светскиот мир со нуклеарно оружје, кога Русија води војна и бомбардира суверена држава - Украина , ние во Западен Балкан не можеме да бидеме мирни или спокојни, изјави денеска, 19 март, лидерот на ДУИ Али Ахмети, одговарајќи на новинарско прашање на РСЕ во однос на предупредувањата на неговата партија за руско сценарио во земјава кое „има за цел да доведе до политички немири по изборите на 8 мај“.

Ахмети рече дека руското влијание во земјава се врши преку политички партии и телевизии кои ги следат руските политики.

„Овде кај нас има партии создадени од Александар Дугин, кој е шеф на руската политика и ова добро го знаете... има медиуми, има телевизи кои не сакаат да се одржи мир и безбедност во Северна Македонија и на Балканот. Се разбира, Русија сака да има жаришта насекаде за да ја олесни и оправда инвазијата што ја направи на една суверена држава“, додаде Ахмети.

Оваа изјава Ахмети ја даде по денешното потпишување на коалицискиот договор меѓу ДУИ и Народното движење на Скендер Реџепи во пресрет на парламентарните избори кои ќе се одржат оваа пролет.

Ахмети и Реџепи ставија потпис на коалицијата наречена „Европски Фронт“, а лидерот на ДУИ посочи и дека се во тек преговори и со други политички партии, со став дека е процес отворен подолго време.

Инаку, предупредувањата за руско сценарио ДУИ ги објави вчера преку партиско соопштение, но без да даде повеќе детали.

„Демократската унија за интеграција со голема загриженост ги следи обвинувањата, клеветите и навредите што опозицијата ги упатува кон кандидатот за Претседател, Бујар Османи, како и кон премиерот Талат Џафери, предупредувајќи за руско сценарио кое има за цел политички немири по 8 мај“, велат од ДУИ.

Партиското соопштение пак кое вчера беше пласирано во јавноста доаѓа како одговор откако албанската опозициска коалиција „ВРЕДИ“ викендов ја обвини ДУИ за бројот на странски набљудувачи што ќе ги мониторираат изборите во земјава, притоа обвинувајќи ја ДУИ дека директно влијаела на ваквиот пристап на странските организации кон државава, со оглед дека претседателскиот кандидат на ДУИ, министерот за надворешни работи Бујар Османи беше претседавач на ОБСЕ .

Оттаму нагласија и дека за една земја членка на НАТО, присуството на ОБСЕ-ОДИХР на изборите со 300 набљудувачи е знак дека таа земја има „реален потенцијал за нерегуларности во изборниот процес“ и факт што зборува дека „ДУИ подготвува терен да предизвика политичка криза по изборите за да може техничката влада на Талат Џафери да го продолжи својот технички живот“.

Кампањата за претседателските избори ќе започне на 4 април. Првиот круг од гласањето ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај кога граѓаните на Северна Македонија ќе гласаат и на парламентарни избори.

Потпишани барањата за екстрадиција на Шеваљ Муареми и Мухамед Чајани

илустрација
илустрација

Министерот за правда Кренар Лога ги потпиша барањата за екстрадиција на Шеваљ Муареми и Мухамед Чајани, информираат денеска од Министерството за правда.

Како што појаснуваат од Министерството, барањата, откако ќе бидат преведени, ќе бидат проследени до Министерството за надворешни работи на натамошно постапување до Обединетите Арапски Емирати.

По Шеваљ Муареми, за кој постојат сомненија дека бил дел од меѓународна организирана криминална група осомничена за повеќе кривични дела, МВР распиша меѓународна потерница која беше објавена и на веб страницата на Министерството.

Во јануари, годинава, беа поднесени кривични пријави против 16 лица кои се сомничат за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, убиства и обиди за убиства. Сите биле членови на меѓународна организирана криминална група, која ја предводел Муареми (46) од село Грчец.

Израелската армија ослободи неколку новинари приведени во болницата Ал-Шифа во Газа

илустрација
илустрација

По дванаесет часа, израелската армија ослободила неколку новинари кои биле приведени во болницата Ал-Шифа во северниот дел на Појасот Газа.

Канцеларијата за информирање за затворениците соопшти дека помеѓу ослободените новинари е и дописникот на Ал Џезира, Исмаил Ал-Гул. Но, во соопштението не е прецизиран бројот на ослободени новинари.

При рацијата на израелските војници во болницата Ал-Шифа запленети се телефони, компјутери и опрема за снимање.

„Окупаторските сили ни ставија лисици на рацете во болницата Шифа, ни ги врзаа очите, не испрашуваа и ја уништија содржината“, рече Гул.

Израелската армија објави дека „ќе продолжи операцијата во болницата Шифа во Газа“.

„Според информациите добиени од Агенцијата за внатрешна безбедност Шин-Бет (Шабак) и Воената разузнавачка единица (Аман), членовите на Хамас, вклучително и теренските команданти, се кријат во болницата и ја користат како оперативен простор од каде ќе управуваат со терористичките операции и судири“, изјави портпаролот на израелската армија Даниел Хагари и додаде дека Армијата ќе ја продолжи работата во болницата.

ЕУ ќе воведе царини за увоз на руско и белоруско жито

илустрација
илустрација

Европската Унија (ЕУ) се подготвува да воведе царини за увоз на жито од Русија и Белорусија за да ги смири земјоделците и некои земји-членки, објави во вторник (18 март) „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со планот.

Се очекува Европската Комисија во наредните денови да воведе царина од 95 евра за тон за житариците од Русија и Белорусија и предвидува дека царини од 50 отсто ќе бидат воведени и за маслодајните семиња и нивните производи.

Одлуката се очекува бидејќи земјоделците ширум ЕУ бараат промени во ограничувањата што им беа ставени во рамките на Зелениот план за справување со климатските промени и повторно воведување тарифи за увоз на земјоделски производи од Украина кои беа укинати по руската инвазија во 2022 година.

Како и голем дел од Европа, Полска, исто така, беше зафатена од протести во последните недели.

По разговорите со полскиот премиер Доналд Туск минатата недела, полските земјоделски организации најавија дополнителни протести на 20 март против земјоделската политика на ЕУ и увозот на земјоделски производи од Украина.

Земјоделците сакаат да спречат поевтино украинско жито да влезе на полскиот пазар.

Со Зелениот план, ЕУ има за цел да биде климатски неутрална до 2050 година. Стратегијата вклучува мерки во различни области како што се енергетиката, транспортот, индустријата и земјоделството.

Северна Кореја соопшти дека тестирала нови ракетни фрлачи

илустрација
илустрација

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ги надгледуваше воените вежби кои вклучуваа лансирање на „нови и супер големи“ ракетни фрлачи, објавија државните медиуми на 19 март. Ова се случува еден ден откако Сеул соопшти дека Пјонгјанг лансирал балистички ракети со краток дострел.

Соединетите Држави и Јужна Кореја минатата недела ја завршија една од најголемите заеднички воени вежби, што предизвика гнев кај Северот.

Северна Кореја ги осуди сите вежби на Вашингтон и Сеул, кои ги опиша како подготовки за инвазија.

Војската на Сеул во понеделникот (18 март) соопшти дека открила севернокорејска „балистичка ракета со среден дострел“ која била лансирана додека американскиот државен секретар Антони Блинкен бил во главниот град на Јужна Кореја на разговори.

Супер-големиот ракетен фрлач, кој Сеул и војската на Вашингтон го нарекуваат КН-25, е балистичка ракета со краток дострел, според јужнокорејската новинска агенција Јонхап.

Северот тврди дека оружјето може да биде опремено со тактичка нуклеарна боева глава.

Севернокорејската државна новинска агенција објави дека Ким ги гледал вежбите кои ги тестирале „вистинските воени способности“ на ракетниот фрлач од 600 милиметри, додека тој ја истакнал важноста на „подготовките за време на војна“.

Според Ким, овој ракетен фрлач ќе му помогне на Северот „да ја блокира и потисне можноста за војна со совршена подготвеност да го уништи главниот град на непријателот“.

Пјонгјанг ги предупреди Сеул и Вашингтон овој месец дека ќе плати „висока цена“ за нивните воени вежби, а потоа објави дека Ким рекол дека артилериската единица на неговата земја е способна да го погоди главниот град на Јужна Кореја.

Тестот на балистичка ракета во понеделникот беше втор тест оваа година, при што Северот го прогласи Југот за „главен непријател“, а земјата се откажа од намерата да ги обедини двете Кореи. Вашингтон, клучен сојузник на Сеул, распореди речиси 27 000 американски војници во Јужна Кореја за да му помогне на Сеул да се одбрани од Пјонгјанг.

Употребата на дронови на бојното поле станува приоритет за Украина

Генерал-полковник Олександр Сирски
Генерал-полковник Олександр Сирски

На 18 март врховниот командант на вооружените сили на Украина повторно ја пофали употребата на беспилотни летала на бојното поле, велејќи дека тие стануваат сè поважни во борбата против руските сили.

Говорејќи истиот ден кога владата одобри големи трошоци за набавка на оружје, генерал-полковник Олександр Сирски на Телеграм рече дека украинските војници треба да бидат опремени со најефикасното и најновото оружје. Тој исто така ја нагласи обуката на специјалисти за електронско војување, беспилотни летала и системи за автоматска контрола.

„Беспилотните системи заземаат важно место овде. Затоа, развојот на употребата на беспилотни системи е мој приоритет“, рече тој.

Украина работи на забрзување на имплементацијата на иновативни технологии и обезбедува „приспособливост на одредени воени тела за управување“ кога станува збор за оваа одбрана, додаде тој.

Минатата недела, по посетата на украинските позиции во регионот Запорожје, Сирски рече дека борбите се карактеризираат со широко распространета употреба на беспилотни летала од сите видови заедно со артилериски и минофрлачки оган.

„Во такви околности, беспилотните системи за напад постепено стануваат главно ударно оружје на копнените единици во комбинираната воена борба“, рече тој на 14 март.

На 18 март, Сирски јасно стави до знаење дека потрагата по, како што рече, „асиметрични решенија“ за постигнување предност на бојното поле е во тек.

„Заземаме сеопфатен пристап за планирање на нашите потреби, пред сè земајќи го предвид вистинското искуство на бојното поле. Но, најважната задача што технологијата и иновациите мора да ја направат е да ги зачуваат животите на нашите војници“, рече Сирски.

Додека Сирски ја пофали употребата на беспилотни летала во војување, Кабинетот на министри на украинската влада одлучи да одвои дополнителни 5 милијарди гривни (129 милиони долари) за да купи повеќе од нив за вооружените сили, објави премиерот Денис Шмихал.

„Средствата ќе бидат насочени кон набавка на беспилотни летала кои им се потребни на нашите ветерани на првите борбени линии“, рече Шмихал.

Украина се обидува да го зголеми сопственото производство на оружје со цел да ја намали зависноста од испораките од западните партнери. Киевските трупи се борат со сериозен недостиг на артилериски гранати преку линијата на фронтот што се протега на повеќе од 900 километри во источна и јужна Украина.

Блинкен се надева на прекин на огнот меѓу Израел и Хамас пред посетата на Блискиот Исток

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изрази надеж дека сепак ќе биде договорен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, како и ослободување на заложниците кои ги зеде палестинското исламистичко движење во нападот врз еврејската држава на 7 октомври, објавија британските медиуми.

Блинкен зборуваше денеска на прес-конференција на Филипините пред уште една турнеја на Блискиот Исток од избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас.

„Ќе разговарам за „вистинската архитектура за траен регионален мир“, рече тој по повод претстојните посети на Саудиска Арабија и Египет.

Блинкен предупреди дека „100 отсто“ од населението на Појасот Газа е во „ситуација на сериозна несигурност во храната“.

Нови преговори за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на заложниците кои ги држеше Хамас почнаа вчера во Доха, пишува ДПА.

Дејвид Барнеа, директорот на израелската странска разузнавачка агенција Мосад, пристигна во главниот град на Катар на средби со посредниците.

Блинкен неделава ќе го посети Блискиот Исток, соопшти Стејт департментот, во услови на напорите на Вашингтон да посредува за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Газа за да се овозможи ослободување на заложниците земени од палестинската милитантна група.

„Блинкен ќе ги посети Саудиска Арабија и Египет и ќе се сретне со високи претставници од двете земји“, соопшти Стејт департментот.

Обезбедувањето поголема хуманитарна помош за Газа, како и разговорот за повоениот план за енклавата, ќе бидат меѓу темите за кои ќе разговара со саудискиот и египетскиот функционер.

Советот за општи работи на ЕУ ќе разговара за Украина, Блискиот Исток и проширувањето на унијата

илустрација
илустрација

Подготовките за средбата на шефовите на држави или влади на членките на Унијата закажана за 21 и 22 март се главна тема на денешното заседание на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) во Брисел, со кое ќе претседава белгиската министерка за надворешни и европски работи и надворешна трговија Хаџа Лабиб.

Министрите или државните секретари задолжени за европски прашања на земјите членки на Унијата во тој контекст ќе дебатираат за нацрт-заклучоците за Самитот посветени на состојбите во Украина и на Блискиот Исток, проширувањето на ЕУ, безбедноста и одбраната и на земјоделската политика.

На заседанието на Советот ќе стане збор и за Европскиот семестар за 2024 година, односно за рамката за социо-економските политики на ЕУ, при што министрите ќе го разгледаат извештајот на белгиското претседателство за досега реализираните планови, како и за следните чекори во процесот.

Во овој дел од состанок, Советот ќе ја разгледа и Нацрт-препораката за економската политика на Еврозоната, која би требало да биде усвоена на претстојниот Самит на ЕУ.

Покрај тоа, учесниците на заседанието ќе разменат мислења и за иднината на Европа, со посебен акцент на внатрешните реформи на Унијата со цел таа да се прилагоди за прием на нови членки.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG