Достапни линкови

logo-print

Во Каиро продолжуваат судирите


Во Каиро, како што јавуваат агенциите, и денеска имало судири меѓу демонстрантите и војската. Претходно, демонстрантите кои го окупираа централниот плоштад Тахрир ги отфрлија новите отстапки понудени од воените власти за запирање на судирите кои досега однесоа скоро 40 животи.

Во телевизиското обраќање, фелдмаршалот Хусеин Тантави кој е шеф на воениот совет што владее во Египет по соборувањето на диктаторот Хосни Мубарак во февруари годинава, понуди изборите за претседател да се одржат во првата половина од идната година.

Тој претстави и други предлози кои би можело да водат кон постепено завршување на военото владеење.

Египетскиот фелдмаршал Хусеин Тантави

Египетскиот фелдмаршал Хусеин Тантави


„Воените сили, претставени од Врховниот совет немаат намера да владеат над националните интереси. Војската е подготвена веднаш да ја предаде одговорноста и да се врати на она што и задачата, чување на земјата“, изјави Тантави.

Тој додава дека војската била подготвена да одржи и референдум за пренос на власта, доколку тоа го бара народот и оти е можно да се формира влада на национален спас.

Претходно, Воениот совет планираше да остане на власт до 2013 година. Како и да е, ова по се изгледа е отфрлено од илјадниците демонстранти собрани на каирскиот плоштад Тахрир, кои бараат од воените власти да си заминат веднаш.

Тие повторно употребуваат иста реторика како под владеењето на Мубарак, односно дека се грижат за безбедноста и јавниот ред. Но, тие сега се полоши од Мубарак.

“Нашите барања се јасни“, изјави Калед ал Сајед, еден од демонстрантите.

Тој додава дека бараат од Воениот совет да се повлече, а командантот на воената полиција и министерот за внатрешни работи да бидат изведени пред суд поради, како што вели, ужасните злосторства во Каиро во изминативе денови.

Саид Хадади од Амнести интернешнал ја обвинува војската дека употребува иста угнетувачка тактика како и режимот на Мубарак.

„Тие повторно употребуваат иста реторика како под владеењето на Мубарак, односно дека се грижат за безбедноста и јавниот ред. Но, тие сега се полоши од Мубарак.“


Во меѓувреме, Соединетите Држави ги осудија египетските власти за употреба на, како што оценува Стејт департментот, прекумерна сила за да ги смири протестите во изминативе денови.

„Соединетите Држави остануваат многу загрижени за насилството во Египет. Ја осудуваме прекумерната употреба на сила од страна на полицијата и бараме од египетските власти да покажат максимална воздржаност, да ги дисциплинираат своите војници и да ги заштитат универзалните права на сите за нивно мирно изразување“, изјави портпаролот на Стејт департментот Викторија Нуланд.

Египетското министерство за здравство соопшти дека најмалку 30 луѓе биле убиени во нередите до кои дојде на само неколку дена пред паралментарните избори во земјата закажани за 28 овој месец.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG