Достапни линкови

Имало ли нелегални посвојувања?


Отварањето на темата за евентуално криминално дејство при посвојување на деца, предизвика реакциии меѓу семејствата на кои во болница им било кажано дека нивното новороденче починало.

Неколку случаи што деновиве беа објавувани во медиумите за евентуално криминално дејство на посвојување деца предизвика бројни реакции и сомнеж кај повеќе семејства кои прашуваат што се случило со нивните новороденчиња за кои во болница им било кажано дека починале. Ваквите сомнежи со години поради природата на нивната професија ги слушаат и надлежните и сето тоа останува во доменот на формално правна постапка.
Душко Миновски од Министерството за труд и социјална политика, вели дека е многу тежок патот што треба да го поминат надлежните институции за да влезат во трага на евентуален бизнис со деца.

„Значи кај мене можеби дошле стотици,ги имаме охрабрено дека е добро што поднеле барање, дека сигурно ќе земат, дете, но дека такво нешто бара одредено време, кој, каде, како, што правел одреден период, но инаку ваква неможе да се тврди. Сметам дека е строго формално правна постапка, и дека нестанува збор до толку за правење на некакви превиди во оваа постапка.“

Тој вели дека многу е тешко да се прифати дека некој тргува со деца:

„Може да се случи како и во сите останати дејности, подрачја да се случи некој да направи такво нешто, да замени книшка при породување и такви работи, меѓутоа во Центрите за социјална работа јас гарантирам дека и тие лица што поднеле барање да бидат посвоители, дека постапката е уредно завршена, дека сите тие се на листата на чекање за дете, но се прави „фама“ бидејќи имаме многу малку деца за посвојување, а голем број потенцијални посвоители.“

Дека од некаде се почнало треба да покаже наредниот период. Министерството за труд и социјална политика ги смени сите членови на комисијата за посвојување. Но, засега немаше најава дека ќе се разгледуваат евиденциите на децата што се водат како починати или дека со полицијата и министерството за здравство ќе се поведе истрага. Ова од надлежните институции за други случаи ќе го побара и Илија Јовановиќ преставник на невладина организација за деца без родители. Тој на прес конференција рече дека има документации од околу триесет семејства кои прашуваат што се случило со нивните новороденчиња за кои во болница им кажале дека починале.

„Доколку семејството ми одобри да ги доставам документите, ќе ги доставиме до Министерството, но ние како здружение не можеме да истражуваме, ние само поседуваме информации и податоци.“

Засега Министерството, најави внатрешни контроли и истраги во центрите за социјална работи, каде ќе се проверува дали направиле пропусти.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG