Достапни линкови

Запре бесплатниот школски превоз во Битола


Штрајк на школските превозници

Штрајк на школските превозници

Поради неисплатениот долг, запре бесплатниот школски превоз во Битола, а училниците во дел од градските училишта останаа полупразни.

Единаесет фирми превозници од Битола прекинаа да ги возат учениците до училиштата зашто Министерството за образование и општина Битола им должат 60 милиони денари за услугите во изминатите две години. Фирмите досега учениците ги возеа воглавно на свој трошок и толку се задолжија што не им тураат ни гориво по бензиските пумпи.

„Овој протест е предупредувачки и ние остануваме отворени за надлежните институции, очекуваме во текот на следните денови да изнајдат некое решение. Не е само горивото во прашање, тука се и фирмите кои не опслужуваат со делови за автобусите, осигурителните компании, па и на вработените возачи не им се исплатени плати два месеца“,вели превозникот Сашо Владимировски.

Со протестот на превозниците околу 3.000 ученици останаа без бесплатниот превоз до школо. Најголемиот дел од нив ученици од околните општини и села.

„Во нашето училиште учат 470 ученици, доаѓаат ученици од 16 села зашто имаме настава и на македонски и на албански јазик. Во моментот се останати полупразни училници“,вели Јованка Трајчевска од училиштето „Крсте Мисирков“ во Бистрица.

Од општината велат дека тоа се средства што преку блок дотации треба да ги добијат од Министерството за образование. Формирана е комисија преку ЗЕЛС за да ги преиспита финансиските потреби за образованието по општини.

„Формулата по која се распределуваат средствата треба да се смени. Битола има голем број на средни училишта, а со закон е обврзана да го плаќа превозот на ученици до 50 километри, превезува деца од Ресен, Крушево, Прилеп, Демир Хисар. Тоа во формулата на постои. Ние редовно добиваме финансии, но не се доволни бидејќи не ги предвиздуваат трошоците за превозот на учениците од другите места“,вели градоначалникот Владимир Талески.

Превозниците утре ќе возат, а ако не се реши проблемот ќе преземат други мерки.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG