Достапни линкови

Десетици мртви во досегашните судири во Египет


Плоштадот Тахрир во Каиро за време на вчерашните судири.

Плоштадот Тахрир во Каиро за време на вчерашните судири.

Најмалку 22 луѓе загинаа досега од почетокот на судирите меѓу полицијата и демонстрантите на плоштадот Тахрир во Каиро во саботата. Се уште има спорадични судири на улиците околу плоштадот.

Според Министерството за здравство, во насилствата загинале 22 луѓе. Сепак, претставник на главната мртовечница во Каиро вели дека кај нив има тела на 24 убиени во насилствата. Се уште не се соопштува дали сите загинати се демонстранти или има и војници и полицајци.

Шефот на Арапската лига, Набил ал-Араби повика на смирување на ситуацијата во Египет и ги повика сите политички сили да ги забрзаат демократските процеси во земјата. Тој изрази голема загриженост за судирите на плоштадот Тахрир и повика на „најголема воздржаност додека се користи правото на слобода на изразувањето и мирните демонстрации“.

Плоштадот Тахрир беше централно место на протестите што доведоа до соборување на поранешниот претседател Хосни Мубарак.

Повторното појавување на протестите во Египет се должи на стравот на јавноста дека привремената воена власт ќе се обиде да си ја задржи моќта.

Насилствата се случуваат една недела пред одржувањето парламентарни избори. Првите избори по соборувањето на Мубарак, се закажани за 28 ноември.
XS
SM
MD
LG