Достапни линкови

logo-print

Судењето на Љубе Бошкоски, убиството на Мартин Нешкоски, задолжувањата на владата - дел од темите во неделниците.

Има неколку статии во најновиот Фокус кои го привлекуваат вниманието, а кои главно ги скенираат судско-полициските дејанија на власта.

Фокус - ВМРО-ДПМНЕ го планирала местењето на Љубе уште во септември минатата година!

„ВМРО-ДПМНЕ го планирала местењето на Љубе уште во септември минатата година!“, гласи насловот на едната анализа во која авторката излегува со теза дека ако полицијата ги прислушувала телефоните на Љубе, тогаш постојат неколку индиции дека сведокот не бил загрозен од Бошкоски, туку од Груевци. Односно, дека за сето време бил во координација со ресорот на Јанкулоска, која беше носител на изборната листа на владејачката партија.
Мартин имал скршен нос и мозочно крвавење, ама лекарката не видела траги од насилство.

„Условно осудени и натаму безусловно ќе делат правда?!“ е вториот текст во кој се наведува случајот со судијката Роза Делева од Струмица осудена за организиран криминал во ,,Јака Табак” од Радовиш на две години затвор условно за пет која и натаму дели правда во струмичкиот суд.

„Мартин имал скршен нос и мозочно крвавење, ама лекарката не видела траги од насилство“ е третиот напис во Фокус, во кој се анализира обидот на судско-полициските власти да се забошоти случајот со ѕверското претепување до смрт на младиот скопјанец од страна на член од обезбедувањето на премиерот за време на прославата на изборната победа на плоштадот Македонија.

Глобус - за една година задолжување од 670 милиони евра

Теми од економското работење на оваа влада доминираат во он-лајн изданието на Глобус. „За една година задолжување од 670 милиони евра“, ги цитира неделникот искажувањата на членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет од СДСМ, за време на расправата за предлог-буџетот за идната година. Состојбата на економијата благодарение на власта наликува на бродот Титаник, каде премиерот Груевски е капетан, а министрите се оркестарот кој ги забавува гостите свирејќи додека бродот тоне, го цитира неделникот Марјанчо Николов од СДСМ. Глобус го пренесува мислењето на економскиот аналитичар Сем Вакнин кој предупредува: владата не е заинтересирана да ги види последиците од своите потези - таа води популистичка политика, вели Вакнин.

„Изгубените илузии на транзицискиот тајкун“ е статијата за работењето на Бојо Андрески за кого Глобус наведува дека во архивата на брзогоречките успеси на лицата кои од ништо создале огромен капитал благодарејќи на матните времиња, е и оној на Андрески кој сега ги покажува сите знаци на долгите нозе на амбициите и куста черга на благонаклонетата власт.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG