Достапни линкови

logo-print

Продолжуваат судирите меѓу полицијата и демонстрантите во Каиро


Судири меѓу полицијата и демонстрантите во Каиро.

Судири меѓу полицијата и демонстрантите во Каиро.

Продолжуваат судирите на плоштадот Тахрир во Каиро, откако најмалку двајца луѓе загинаа во вчерашните судири меѓу полицијата и демонстрантите што траеја до доцна во ноќта.

Повторното појавување на протестите во Египет се должи на зголемувањето на гневот на јавноста поради бавните реформи и загриженоста дека привремената воена власт ќе се обиде да си ја задржи моќта додека економијата стагнира, а политичарите се караат за контурите на новиот нацрт-устав.

Државната новинска агенција МЕНА, повикувајќи се на здравствените власти, објави дека 676 луѓе биле повредени во протестите. Полицијата употребувала гумени куршуми и солзавец да ги растера демонстрантите.

На протестите на плоштадот Тахрир во Каиро излегоа околу 5.000 луѓе. Плоштадот Тахрир беше централно место на протестите што доведоа до соборување на поранешниот претседател Хосни Мубарак. Демонстрации имаше и во градовите Александрија и Суец. Владата денеска треба да расправа за овие настани.

Демонстрантите кои се противат на цивилите да им се суди пред Воените судови извикуваа слогани како „Министерството за внатрешни работи се силеџии“.

Насилствата доаѓаат само 9 дена пред одржувањето парламентарни избори. Првите избори од соборувањето на Мубарак, се закажани за 28 ноември.

Армијата испрати соопштение до државните медиуми во кое се вели дека околностите што доведоа до инцидентите се испитуваат и ветија резултати во наредните денови.
XS
SM
MD
LG