Достапни линкови

logo-print

Македонско судство - народна голгота


Основен суд Скопје

Основен суд Скопје

Долготрајни судски процеси, одложени постапки, укинати пресуди и повторно враќање на почетокот на голготата – години наназад проблеми на македонското судство.

Дали реформите во судството се само зборови ставени на хартија или работите почнуваат да се менуваат? Со кои проблеми се соочуваат граѓаните во судските лавиринти? Дали долгогодишните постапки конечно ќе станат минато? Имаат ли институциите капацитет да се справат со новите промени?

Долги години потрага по правда

Пред Основниот суд во Скопје може да сретнете луѓе од различни профили и националности, шофер, лекар, трговец, Македонец, Албанец, Ром, млади, стари луѓе, родители со малолетни деца покрај нив, сите со иста мака, бараат правда. Сите тие имаат сличен израз на лицето, во нивните очи се гледа страв и вознемиреност, во исчекување на конечната одлука за промена во нивниот живот. Ги чекаат адвокатите да излезат од судниците со некаква вест, каква било само да им заврши голготата низ која минуваат. Заедничко на тие луѓе им е потрагата по правда, а некои од нив до душа и со години ја бараат. Тие трагаат по правдината, а ние по нивната приказна.

Наидовме на првиот човек. Mе гледате останав без заби, го загубив здравјето во судските ходници, ни вели Божин Кировски, човек кој 10 години бара отштета поради бесправно урнат објект.

„Имам уште два дена можност да ја поднесам 15-та жалба и како да сум задоволен. Ме гледате без заби, шеќерна болест и сега два дена само ми дадоа можност да направам жалба. Фала богу што се смени нов судија.“

Но, немаат сите како него храброст да зборуваат за својата мака, некои од нив се плашат дека ако проговорат јавно може да има последици.

„Неможам да зборувам јас, одете кај други.“

„Неможам ништо да кажам.“

„Не давај изјава.“

Сретнавме и еден млад човек придружуван од своето синче кое немал на кого да му го остави на чување, го чекаше адвокатот за да дознае дали и денеска ќе му се одложи судското рочиште.

„Еве пет години само го одложуваат процесот, јас сега дали да работам за децата да имаат за јадење дали да шетам по судови.“
Еве 5 години само го одложуваат процесот. Јас сега дали да работам за децата да имаат да јадат, дали да шетам по судови? ...


Долготрајни процеси, одложени постапки, укинати пресуди и повторно враќање на почетокот на голготата, тоа се главните проблеми на кои се жалат луѓето.

Максимовска Јагода пак има друга мака, нејзиното семејство може да остане без својот дом затоа што по 30 години не може да докаже дека имотот врз кој е изградена куќата е нејзин. За еден документ цела година трча од еден на друг шалтер, од една канцеларија до друга, само за да може да го легализира својот дом, па вели дека се наоѓа во теснец, државата бара од неа да го легализира домот, а судот не и дозволува тоа да го направо па на незадоволството од институциите за неа му нема крај.

„Одиме на суд се одложува судењето, не доаѓа газдата што ни го продаде имотот, не го признава... И еве малтретирање неможеме да извадиме документи.“

Скопјанецот Александар Живановски пред речиси 40 години бил насилно иселен од својот дом за да може државата на тоа место да изгради објект од општествен интерес. Тој првата тужба против државата ја поднесува во 1998-та година.

„До 1998-та година до смената на власта не преземав никакви правни дејствија бидејќи немав верба во судот. 1998 година поднесов тужба за надохнада за одзeмениот имот, меѓутоа судскиот спор многу бавно се водеше така што првата пресуда ја добив дури после 11 години односно во 2009 година.“

Со првата судската пресуда во негова корист Живановски требало да добие отштета во вредност од околу 250 илјади евра, но процесот повторно влегува во правните лавиринти и тој до денеска не може да ги добие парите кои со камата се претворија во речиси 400 илјади евра. Адвокатите велат дека најтешко е да се наплати оштета од државата. Адвокатот Симон Симоновски вели дека политиката во овие случаи често замешува прсти.

„Се чувствува голем притисок кај судството иако се тврди дека кај помалите предмети нема мешање на политиката, сепак се чувстува посебно онаму каде како странка секогаш се појавува Република Македонија и посебно каде што предмети на тој спор се надомест на штета, значи каде што постои можност државата да треба да надоместува одредена штета.“

Сакате да кажете дека во тој контекст најчесто пресудите се носат во корист на државата?

„Па има и такви, голем број случаи се такви значи, се прескокнуваат законските одредби, а се оди по одредени правилници кои не се во согласност со законот.“

Критики за судството и во извештајот на ЕК

Теоретичарите велат дека кога точно ќе се лоцира проблемот во една сфера тоа е чекор кон негово решавање, но во пракса до сега се покажа дека тоа е малку тешко остварливо во Македонија. Проблемите во судството ги детектираа и европските институции и невладини организаци и Народниот Правобранител. Со години се укажува на што треба да се направи за да се подобрат состојбите.
Во извештајот на Народниот правобранител е наведено дека и покрај големиот број на активности и реформи кои се насочени кон подобрување на организацискта поставеност и новата законска регулатива, преставките на граѓаните покажуваат дека во пракса овој систем не им обезбедува правна сигурност на луѓето. Од вкупно четири илјади претставки кои граѓаните минатата година ги доставиле до Народниот правобранител речиси 20 проценти се однесуваат на судството. Граѓаните се жалат дека не можат да си го остварат правото за правично судење во разумен рок поради константното одложување на постапките и квалитетот на судските одлуки. Портпаролката на Народниот Правобранител Уранија Пироска вели дека во изминативе неколку години граѓаните најмногу се жалат на судството.

„Ние со години наназад констатираме дека граѓаните ја имаат изгубено довербата во работата на судовите и навистина се случува да кога ги советуваме дека неможат да го остварат тоа право пред Народниот правобранител туку дека треба да покренат судска постапка, тоа за нив претставува најголемо разочарување од каде што и го влечеме заклучокот дека навистина немаат доверба дека можат да ја остварат правдата пред судовите.“

Таа додава дека дел од објективните причини за лошите состојби во судството се и парите.

„Делумно не станува збор само за субјективен момент туку станува збор и за објективни причини. Скопските судови можам да кажам дека се во подобри услови секако, но судовите во другите градови едноставно некои од нив немаат информатички систем, некои немаат техничка опрема, најосновна техничка опрема за да можат да одговорат на постапките коишто ги покренуваат граѓаните.“

Во последниот извешај на Европската Комисија за напредокот на Македонија е наведено дека е постигнат одреден напредок во областа на судството со донесувањето на бројните измени на законодавството кои Критики за судството и во извештајот на ЕК

Критики за судството и во извештајот на ЕК

опфаќаат широк спектар на прашања. Но, во продолжение на извештајот се вели дека суштинските проблеми во врска со независноста, компетентноста и ефикасноста допрва треба да бидат решени во пракса. Годинава се донесени нови закони со кои треба да се подобрат состојбите во судството, полесно справување со организираниот криминал и корупцијата, но Европската Комисија е загрижена дека институциите не се подготвени за тие реформи. Донесени се измени во законите за судовите и судскиот совет со кои се подобрени механизмите за жалби во случај на неразумната должина на постапките и во случај на неправилно работење на судиите. Воведени се мерки со кои треба да се унапредат транспарентноста и јавната доверба, но спроведувањето на овие мерки е одложено до средината на 2013 година. Во извештајот се предупредува дека ова одложување и новите основи за разрешување на судиите може негативно да влијае врз независноста во донесувањето на судските одлуки.

Реформи без резултати?

Адвокатите велат дека промените кои се прават делумно им ја блокираат работата. Адвокатот Симон Симоновски вели дека причина за тоа е неподготвеноста на институциите да ги применуваат.

„Со новите измени во законот за парнична постапка лично ние како адвокати имаме проблеми во смисла на тоа дека за нијанса ни се блокира работата во старт бидејќи треба да обезбедиме многу документи од другите органи, уште пред да ја поднесеме тужбата органите не се подготвени брзо и ажурно да одговорат, па често пати долго чекаме, а странките не се трпеливи за да чекаат.“

Тој додава дека тоа е само еден од техничките проблеми со кои секојдневно се среќаваат и губат нерви.

„Проблеми се појавија и со вештачењата, нема лиценци, не се знае точно списокот на вешти лица, така што измените кои стапија на сила практично ниту судовите ниту адвокатите, ниту пак органите, ниту вештите лица не беа подготвени да ги применуваат.“


Од друга страна пак, Министерот за правда Блерим Беџети при посетата на Основниот суд Скопје 2 изјави дека е задоволен од споведувањето на измените на законот и реформите и со нив ќе се намали траењето на постапките.

„Сме задоволни од она што денеска го слушнавме од претседателот на Основниот суд Скопје 2 и во континуитет ќе продолжиме да разменуваме мислења и да ги следиме примените на законите во судовите.“

По средбата со министерот и претседателот на Врховниот Суд Јово Вангеловски ја уверуваше јавноста дека судиите се подготвени да работат по новите закони.

„Судиите и вработените во судовите се обучени и подготвени да го применуваат законот за парнична постапка и сите оние технички проблеми со кои се соочуваме ќе бидат отстранети во најкус можен рок така што во целост примената на законот за парнична постапка би можеле да ја очекуваме за многу кратко време.“

Судијката Маргарита Цаца Николовска предупредува дека не се доволни само формални измени во законите, има уште многу работа за да се подобрат состојбите во судството. Таа додава дека треба внимателно да се работи по нив затоа што се доведува во ризик и квалитетот на судските пресуди .

„Она што значи реформа за да се обезбеди експедитивност, тоа може да биде и контрапродуктивно, тоа е во исто време интервенција во работата односно може да биде интервенција во квалитетот на постапувањето од страна на судиите. Неможете да поставувате рамки, односно така да ги поставуваат ситуациите и така да се оценуваат.“

За квалитетот на пресудите зборува и фактот дека во последно време се почесто се случува повисоките судови да ги укинуваат судските одлуки на основните судови, со што се отвара простор за сомнеж во стручноста на судскиот кадар.

За професор Рухи Бакиу одлуката на укинување одлуки од страна на повисоките судски инстанци е легитимна, но според него потребно е да се преземат дисциплински мерки доколку се случи на ист судија да му бидат укинати повеќе пресуди во текот на годината.

„Кога им се укинуваат повеќе од 20 отсто од донесените одлуки тоа е сериозен основ за разрешување на судијата. Најверојатно се работи за неквалитетни кадри кои се наоѓаат на такви позиции во нашето судство.“

Експертите велат дека не е едноставно да се утврди кои се причините за донесување на неквалитни пресуди. Признаваат дека бројот на укинати предмети во земјава е голем. Согласни се дека се работи за сложен проблем во кој не треба да се исклучат незнањето, политичките импликации и лошата кадровска политика.

Коалицијата за правично судење која ги следи состојбите во кривичните постаки за организран криминал и корупција ги детектира проблемите во судството и дава неколку препораки со кои можат да се подобрат состојбите.
Еден од нивните заклучоци е дека само четири проценти од предметите се закажува главна расправа за предмет во законскиот рок.

„Треба да се има предвид дека најголемиот дел од доказниот материјал мора да се собере во текот на истрагата и покрај фактот што на тој начин таа би траела подолго, а тоа е со цел намалување на потребата за дополнителни докази на главниот претрес и со тоа намалување на можностите за одолговлекување на самата постапка, треба да бидат поаргументирани обвинителните акти што се поднесуваат во судот со што во голема мера ќе биде олесната работата на судот и ќе се намали траењето на постапката.“

вели проект менаџер во коалицијата, Илија Адамчевски.
Тој препорачува да се скрати време трењето на мерката притвор која се изрекува и да се искористи рационално. Адамчевски истакнува дека најчуствителни се предметите од корупциска природа.

„Мора да се обрне внимание на казнената политика кон сторителите на коруптивни кривични дела. Имаме забележано изрекување на поблаги казни и тоа е во расчекор со настојувањата за посериозна заштита на добрата што се штитат со овие кривични дела.“

Кога станува збор за пари, судиите се чуствителни и претпазливи, па често македонските граѓани своите права ги бараат во европскиот суд за човекови права во Стразбур. Живановски се сомнева дека во последниве 14 години државата го одолговлекува неговиот случај затоа што не сака да даде пари од буџетот за да го обештети, иако судот пред три години еднаш пресудил во негова полза.

„За 14 години неможам да ги остварам своите права, се префрла топката час Собрание на град Скопје треба да плати, час Република Макеоднија. Мене не ми е важно кој ќе ми плати, важно ми е да се исплати веќе еднаш, да се разреши случајот.“

А правда има ли е прашањето што само по себе се наметнува по приказните што ги слушнавме. Таа можеби е слепа, можеби накривува на една нога но на Живановски и луѓето кои имаат слични проблеми како неговите им останува надежта дека таа некогаш мора да стигне.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG