Достапни линкови

Нивото на Охридското Езеро и натаму опаѓа


Нивото на Охридското Езеро продолжува да опаѓа спуштајќи се под природниот минимум од 693,17 метри надморска височина.

Со три-четири сантиметри над најниската граница, спуштајќи се под природниот минимум од 693,17 метри надморска височина, нивото на Охридското Езеро продолжува да опаѓа и тоа се доближува до минималната кота од 693,10 метри надморска височина. Според стручњаците, нискиот водостој се должи на подолгиот сушен период, без врнежи и дотеци, но покрај природното влијание има и човечкиот фактор преку испустот на езерската вода кај Струга за потребите на производство на електроенергија.
Во вакви случаи треба да се направи една студија, да се соединат двете добра, да се одржи нивото на Охридското Езеро до минималната кота од 693,10 метри надморска височина, а истовремено да се користат одредени метри кубни за добивање на електрична енергија.

„Во вакви случаи треба да се направи една студија, да се соединат двете добра, да се одржи нивото на Охридското Езеро до минималната кота од 693,10 метри надморска височина, а истовремено да се користат одредени метри кубни за добивање на електрична енергија. Тоа се осцилации на езерото кои влијаат не само на живиот свет, претежно на оној кој живее на литоралот на крајбрежието, но има негативни влијанија и на потисната моќ на почвата по крајбрежието, бидејќи подземните води се поврзани со нивото на Охридското Езеро. Како што се намалува, односно зголемува нивото на Охридското Езеро, така осцилираат и подземните води, а со тоа осцилираат и сите градежни објекти, како една од негативните појави на ваквите осцилации“, вели Здравко Крстановски од Хидробиолошкиот Институт во Охрид.

Според него, долгорочно од перманентните осцилации на езерото може да се случат деформации и движење на зградите на кејот, а линиите на промена на езерското ниво се гледаат и на фрескоживописот во црквите на крајбрежјето, кои од влагата калцифицираат.

Крстаноски има сознанија дека на истекот на Црн Дрим во Струга се испуштаат 6 метри кубни вода, каде според него отпусните дрвени талпи се несоодветен регулаторен режим, чиј долен праг е за 30 сантиметри понизок од минималната кота, и по 50 години тој треба да се замени со нов посовремен систем. Во ЕЛЕМ, што стопанисува со ХЕЦ Глобочица кај Струга, причината за намалениот водостој ја лоцираат во потпросечните врнежи годинава во споредба со лани.
Зад нас е сушен период со минимални врнежи, што резултираат со намален водостој кај природните и вештачките акумулации во Република Македонија.

„Во однос на периодот јануари-октомври лани, годинава во истиот период во охридското сливно подрачје е регистриран 58 отсто помал доток, или за 30 отсто помал во однос на десетгодишниот просек. Тоа само по себе зборува дека зад нас е сушен период со минимални врнежи, што резултираат со намален водостој кај природните и вештачките акумулации во Република Македонија. Подолг период Глобочица работи со минимален капацитет, а и водата што се испушта преку регулациониот објект на вливот од Охридско Езеро во Црн Дрим во Струга е на минимум. Во моментов, низ овој објект се испуштаат минимални 2,5 метри кубни вода во секунда, доволно за одржување на биолошкиот минимум на реката Црн Дрим“, вели Мирче Котески, портпарол на „Електрани на Македонија“.

Во услови кога хидролошката состојба е целосно променета, стручњаците бараат ревидирање на договорот со Албанија за испуштање вода за производство на електроенергија, ревидирање на минималната граница и котата на природниот минимум, за заштита на езерото, каде намалување на само еден сантиметар од нивото, значи губење на 3,5 милиони кубни метри од Охридското Езеро, најголемиот природен басен со питка вода во овој дел на Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG