Достапни линкови

Фотомонографија „Кокино - мистичниот шепот на вечноста“


Дел од фотографиите поместени во фотомонографијата „Кокино - мистичниот шепот на вечноста“.

Дел од фотографиите поместени во фотомонографијата „Кокино - мистичниот шепот на вечноста“.

„Кокино – мистичниот шепот низ вечноста“ е насловена фотомонографијата на Љупчо Илиевски чија промоција се случи во Планетариумот на Младинскиот културен центар.

Осум години по вљубувањето во пејсажот на мегалитската опсерваторија и нецели две години по изложбата одржана во Националната галерија на Македонија – Мултимедијален центар Мала станица, Љупчо Илиевски го дочека излегувањето на својата фотомонографија со истиот наслов: Кокино – мистичниот шепот низ вечноста.

Знаев, уште од мигот знаев дека јас и Кокино ќе се дружиме, дека долго време ќе имам што да работам и да покажам.
Се работи за капитално дело и публикација во која на 128 страни и преку 116-те фотографии поместени во четири дела авторот, низ катадневното надмудрување со светлината, говори за сопственото живеење на Кокино, една од најстарите опсерватории во светот и локалитетот запишан на привремената листа на светското наследство на УНЕСКО.

​„Знаев, уште од мигот знаев дека јас и Кокино ќе се дружиме, дека долго време ќе имам што да работам и да покажам. Сфатив дека единствен правец кој треба да го имаат моите фотографии е токму тоа, да се потенцира неговата мистичност, таинственост.“


Во монографијата се поместени и текстовите на физичарот Ѓоре Ценев и д-р Ана Димишковска, која за фотографиите на Илиевски забележува дека го прават невозможното: не само што го идентификуваат самиот genius loci на Кокино, сублимирајќи ја неговата скриена суштина, туку и го покажуваат како видлив, а сепак недофатлив.
Тие фотографии коишто се поместени во оваа негова и наша фотомонографија се мали ремек дела, мали катчиња поезија.

Од своја страна, промотерот на „Кокино – мистичниот шепот низ вечноста“, професор д-р Венко Андоновски, пред да заклучи дека Македонија треба да се гордее со ова фотомонографија и дека станува збор за продукт што мора да се пласира во светот, ќе потенцира:

„Тие фотографии коишто се поместени во оваа негова и наша фотомонографија се мали ремек дела, мали катчиња поезија коишто функционираат како неверојатни репрезенти на една оптимистична философија и дека ни го претставуваат Кокино не само како мегалитска опсерваторија, туку ни го претставуваат Кокино како наша внатрешна состојба на духот.“

​Љупчо Илиевски спаѓа во редот на најистакнатите македонски фотографи. Припадник е на средната генерација мајстори на занаетот која негува специфичен, уметнички стил и силен авторски печат. За себе вели дека не фотографира, туку дека пишува со светлината и тоа не на актуелни теми, туку во фокусот му се наизглед неважни нешта, кои ги обработува долг временски период и со голема посветеност. Присутен е и на повеќе филмски фестивали, а за својата работа повеќепати е наградуван. Неговиот потпис стои и под поштенските марки со тема - Теракотни икони и Кокино и засега, е единствениот фотограф од Македонија чии фотографии за мегалитската опсерваторија се објавени во престижното специјализирано списание за фотографија National Geographic.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG