Достапни линкови

Светска Банка со различни проекции за растот


Претставници на Светската Банка и министерот за финансии Зоран Ставревски

Претставници на Светската Банка и министерот за финансии Зоран Ставревски

За разлика од владините проекции за 4,5 проценти економски раст наредната година, Светската банка прогнозира дека тој ќе изнесува 2,5 проценти. За годинава пак, се предвидуваат 3 проценти економски пораст.

Раст на македонската економија од три проценти оваа, а два и пол следната година.
За разлика од Владата која предвидува раст од четири и пол насто догодина, овие се проекциите на најновиот извештај на Светската банка за земјите од Југоисточна Европа. Иако Македонија е во многу подобра позиција од соседите, таа нема да биде поштедена од можните економски турбуленции на глобално ниво, вели Лилија Бурунчук, директор на канцеларијата на Светската банка во земјава:

Лилија Бурунчук, директор на канцеларијата на Светската банка во Македонија

Лилија Бурунчук, директор на канцеларијата на Светската банка во Македонија

„Постои потреба да се продолжи со добрите макроекономски политики и политики кои доведуваат до фискална стабилност. Да се посвети внимание на конкурентноста на економијата со тоа што ќе се инвестира во продуктивна инфраструктура, во вештини и во подобрување општо на продуктивноста на економијата.“

Редовниот извештај на Светската банка предвидува спор раст на економиите на шестте земји од Југоисточна Европа. Нашите предвидувања за развој на регионот се два и пол проценти во 2011 и два проценти во 2012 година, рече Рон Худ, главен економист на Светска банка во одделот за намалување на сиромаштијата и економско управување во регионот на Европа и Централна Азија.

„Последните пореметувања и турбуленции се доста вознемирувачки, меѓутоа основниот модел за раст на овој регион и понатаму останува да се базира на подлабока интеграција со Европската Унија и тоа е факт што не се менува,“ вели Худ.

Според извештајот ефектите од понатамошното глобално забавување и неизвесностите околу кризата во еврозоната земјите во регионот ќе ги почуствуваат преку трговијата, надворешните директни инвестиции, странските банки и дознаките.
Последните пореметувања и турбуленции се доста вознемирувачки, меѓутоа основниот модел за раст на овој регион и понатаму останува да се базира на подлабока интеграција со Европската Унија и тоа е факт што не се менува.


Худ истакнува дека финансирањето може да биде ограничувачко во иднина. Зголемениот надворешен долг и намалувањето на растот во регионот би можело да ги намали владините даноци и да го зголеми притисокот врз јавното финансирање.
Посебна карактеристика на извештајот е фокусот врз образованието и развојот на иновациите.

Економскиот аналитичар Борко Ханџиски вели дека не е доволна само дипломата, туку и вештините. Потребно е вели тој, земјите да ја зголемат својата продуктивност и да се фокусираат на иновациите.

„Развивањето на вештините се можности за решавање на проблемите, на пример да се развива вештина за развој на тимска работа.“

Подобрувањето на можностите за вработување останува уште еден голем предизвик на земјите од Југоисточна Европа се наведува меѓудругото во извештајот. Истиот порачува земјите да се фокусираат на инвестициите и подобрување на продуктивноста и конкурентноста, односно да ги решат старите предизвици поврзани со структурните реформи. Тоа ќе им овозможи предност во пристапот кон пазарите, прилив на директни странски инвестиции, банкарско финансирање и дознаки што нудат поблиска интеграција со Европската Унија, вели регионалниот координатор за Југоисточна Европа на Светска банка, Џејн Арметиџ.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG