Достапни линкови

Игри со контролата на границата меѓу Србија и Косово


Идејата за интегрирано управување со границите меѓу Србија и Косово, без политички консензус во Приштина.

Идејата за интегрирано управување на границата меѓу Косово и Србија, која произлезе од состаноците на посредникот Роберт Купер со шефовите на преговарачките тимови на Белград и на Приштина, по се изгледа нема политичка подршка на Косово. Она што на прв поглед изгледаше како решение за неколку-месечните блокади на меѓусебната граница, изгледа ќе пропадне.

Јакуп Красниќи
Јакуп Красниќи
Претседателот на Собранието на Косово, Јакуп Красниќи оценува дека оваа идеја е во спротивност со резолуцијата на косовскиот парламент за дијалогот со Белград, како и со Уставот. Тој смета дека прашањето за границите не е во надлежност на косовскиот преговарачки тим и оти секаков предлог за ова прашање треба да помине во Собранието на Косово.
Сите спогодби кои се во врска со границата на државата се усвојуваат во косовскиот парламент. Уставот мора да се почитува.
Јакуп Красниќи, претседател на Собранието на Косово.

„Сите спогодби кои се во врска со границата на државата се усвојуваат во косовскиот парламент. Уставот мора да се почитува.“

Идејата за интегрирано управување со границите не е нова во регионот, бидејќи Косово има слична ситуација со сите земји од опкружувањето, освен со Србија. Кога е во прашање Србија, проблемот е во тоа што Белград не го признава Косово и границата ја смета за административна линија. Имено, се смета дека со спогодбата за формирање заеднички царински премини на границата меѓу Србија и Косово, Белград нема да мора да го признае Косово, а премините ќе бидат под контрола на косовски и српски цариници, плус претставници од мисијата ЕУЛЕКС.

Српскиот претседател Борис Тадиќ изјави дека ваквата идеја ја изнела Србија, додека пак, шефицата на преговарачкиот тим на Приштина, Едита Тахири тврди дека предлогот е на кососвскиот премиер Хашим Тачи.

„Кога најнапред оваа идеја беше лансирана од Европската унија, премиерот Тачи беше првиот кој го подржа интегрираното управување со границата. Пропагандната политика на Тадиќ е со цел Србија да биде заслужна и да добие статус на земја кандидат за членство во Европската Унија.“

Но, покрај проблематизирањето на оваа идеја од страна на претседателот на косовскиот парламент, остар противник е и опозицијата на Косово. Пратеникот од Самоопределување, Глаук Коњуфца изјави дека овој предлог претставува директно мешање во суверенитетот на Косово.

„Ова е скандалозна спогодба имајќи предвид дека Србија се меша во управувањето со косовските граници. Таа е еднострана и нема реципроцитет. Станува збор за управување само со косовскиот дел од границата, а не и со оној од српска страна.“

Предлогот за интегрирано управување со границата меѓу Србија и Косово е обид да се надмине ситуацијата на северот на Косово каде што локалните Срби, скоро 4 месеци, ги блокираат патиштата, поради што е ограничена слободата на движење.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG