Достапни линкови

Почнаа разговорите за нова италијанска влада


Италијанскиот претседател Џорџо Наполитано.

Италијанскиот претседател Џорџо Наполитано.

Италијанскиот претседател Џорџо Наполитано ги почна разговорите за формирање нова италијанска влада, по оставката на премиерот Силвио Берлускони. Новата влада ќе има задача да ја спаси третата по големина економија во евро-зоната од финансиска катастрофа.

Наполитано се сретнал со претседателите на двата дома во Парламентот. Се очекува мандатот за формирање влада да му биде доверен на поранешниот еврокомесар Марио Монти.

Привремената влада ќе има година и половина до наредните парламентарни избори да ги спроведе болните економски реформи, но може да падне и претходно ако не успее да обезбеди мнозинство во Парламентот.

По вчерашната оставка на Берлускони, групи луѓе излегоа на улиците на Рим да прослават. Тој се повлече, откако Парламентот ги усвои економските мерки предложени од неговата влада.

Берлускони доминираше на италијанската политичка сцена во последните 17 години, од кои 10 беше на премиерската позиција. Тој има најдолг премиерски стаж во Италија по Втората светска војна. Берлускони се соочуваше со обвинувања за корупција и сексуални прекршоци, но токму должничката криза во евро-зоната ја оконча неговата политичка кариера.
XS
SM
MD
LG