Достапни линкови

Подобро за Грција е да ја врати драхмата


Лукас Пападимос

Лукас Пападимос

Новиот грчки премиер Лукас Пападимос и неговата влада денеска положија заклетва. Од 64-годишниот економист кој до лани беше потпретседател на Европската централна банка се очекува да ја спаси Грција од работ на бездната во еврозоната. Во меѓувреме, весникот Њујорк тајмс објавува анализа во која се сугерира дека на Грција ќе и биде подобро ако си ја врати драхмата.

Прифаќајќи ја одговорноста да биде нов премиер на Грција, Лукас Пападимос оцени дека грчката економија се соочува со огромни проблеми и оти излезот нема да биде лесен:

„Новата влада е преодна влада и има специфична задача што мора да ја изврши, а тоа е спроведување на договорот од самитот на лидерите на еврозоната од 26 октомври и примена на економската политика поврзана со тој договор“, изјави Пападимос.

Пападимос додава дека, иако Грција е на крстопат, сепак ќе најде начин да го најде вистинскиот пат.

„Убеден сум дека учеството на земјата во еврозоната е гаранција за финансиска стабилност. Тоа е фактор на економскиот просперитет и придонес на земјата во еврозоната. И покрај тешкотиите со кои се соочуваме, учеството во еврозоната ќе ни го олесни развојот на економијата.“
Убеден сум дека учеството на земјата во еврозоната е гаранција за финансиска стабилност. И покрај тешкотиите со кои се соочуваме, учеството во еврозоната ќе ни го олесни развојот на економијата.

За разлика од него, во Грција, но и во светот има многу мислења дека земјата подобро би се справила со проблемите доколку излезе од еврозоната.

Во текстот објавен во Њујорк тајмс, меѓу другото, се вели: „Водена надолу по спиралата од еврозоната и од сопствената влада Грција сега се соочува со две опции, и двете болни. Да остане на курсот или да не успее и да излезе од монетарната унија. И двете опции носат тешкотии и неизвесност, но долгорочно сигурно е дека неуспехот и враќањето на драхмата, на Грција и дава поголема шанса за економски пораст и вработување.“

Останување на курсот, и покрај смената на владата, се уште е главен грчки план и носи продолжување на строгите мерки за штедење и на невработеноста. Младите и образованите ќе бегаат од земјата, оставајќи ги постарите, а со тоа и помалку продуктвините да го исплаќаат задолженото.

Во меѓувреме, сите важни економски одлуки ќе бидат носени во Париз, Берлин и Брисел. Неуспехот, од друга страна, ќе и дозволи на Грција да има влијание врз својата судбина.

Процесот главно ќе биде менаџиран според грчките закони, а не како сега да биде предмет на приватни разговори меѓу германскиот канцелар и францускиот претседател.

Поради проблемите со финансирањето на грчките банки и на пензиските фондови, неуспехот би значело напуштање на еврото. Но, тоа е добра работа, бидејќи на Грција ќе и ја даде контролата врз сопствената монетарна политика. Ова е многу битно сега кога е ограничена грчката ликвидност.

„Новата драхма“, како што би можело да се нарекува валутата по еврото, ќе има намалена вредност, а туризмот и извозот ќе пораснат. Па, зошто тогаш грчките лидери не се откажуваат од еврото? Делумно, бидејќи и самата помисла да се напушти еврото по една деценија е навистина застрашувачка. Но, не би требало да е така, се наведува во текстот објавен во Њујорк тајмс.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG