Достапни линкови

logo-print

Ахмети - Груевски не е пречка за решавање на името


Лидерот на ДУИ, Али Ахмети и партиското раководство на прес-конференција во партиското седиште во Мала Речица.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети и партиското раководство на прес-конференција во партиското седиште во Мала Речица.

Никогаш не сум рекол дека премиерот Никола Груевски е пречка за решавање на спорот за името, туку напротив, постои слична политичка волја кај сите политички чинители во земјата за решавање на ова прашање, рече лидерот на ДУИ Али Ахмети на денешната прес-конференција одржана во седиштето на ДУИ во Мала Речица, на која Ахмети ги презентираше резултатите на неговата партија по повод 100 дена од Владата.

„Оваа земја нема друга алтернатива. Ги ангажиравме сите наши капацитети за решавање на прашањето околу името што ги држи во заложништво нашите стремежи кон НАТО. Ги повикуваме нашите пријатели во меѓународната заедница да се приклучат за што е можно побрзо затворање на ова прашање. Единствена иднина на Македонија е брзо зачленување во НАТО и потоа отпочнување преговори за членство во ЕУ. Ја повикувам и опозицијата за соработка и конструктивен приод кон решавањето на проблемот со Грција и решавање на прашањето за името. Овој голем приоритет бара заеднички и конструктивни напори“, рече Ахмети.

Тој рече и дека пописот е „повеќе од една статистичка операција затоа што влијае директно врз правата на заедниците и ги регулира односите помеѓу нив“.

„Затоа, секој попис во иднина треба да се реализира по постигнување етнички и политички консензус, заедно со целосна реформа на Државниот завод за статистика“, рече Ахмети.

Како дел од најзабележителните резултати, тој ги потенцира затворање на Хашките случаи, унапредувањето на употребата на албанскиот јазик со менување на законот со што им се овозможува на функционерите Албанци да се обраќаат на својот мајчин јазик, одлуката на Собранието со што се гарантира интегритетот на албанското знаме и неговите димензии за службена употреба 1 спрема 1,4 во однос на државното и одбележувањето на една деценија од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор како основа за едно модерно, мултикултурно и мултиетничко општество.
XS
SM
MD
LG