Достапни линкови

logo-print

Попоски - Нема прифатлив предлог за името


Министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Спорот за името треба да се реши час поскоро, но Грција во моментов не е мотивирана да влезе во преговори за решавање на името. Историски гледано Македонија има направено многу повеќе отстапки од Грција во однос на спорот за името, вели министерот за надворешни работи Никола Попоски во интервју за РСЕ.

Господине министре, ако за Македонија е приоритет членството во НАТО и во ЕУ, а клучен проблем е проблемот со името, дали вие како министер за надворешни работи имате некаква идеја како може брзо да се надмине овој проблем?
Од аспект на стратешки определби ние немаме алтернатива. Секако дека Македонија припаѓа во евроатлантското и во европското семејство. Тоа ни е целта и кон таа цел се стремиме.

За брзина не би можел да зборувам, бидејќи, како што знаеме, овој проблем трае веќе 20 години. Доколку зборуваме за термини, би рекол дека треба да се реши час поскоро.

Дали Македонија би прифатила меѓународна арбитража по примерот на Словенија и Хрватска, меѓутоа во нашиот случај, меѓународна арбитража која би пресудила во спорот за името?

Министерот за надворешни работи Никола Попоски во разговор со новинарот на РСЕ, Љупчо Наќев.

Министерот за надворешни работи Никола Попоски во разговор со новинарот на РСЕ, Љупчо Наќев.

Мислам дека не може да се повлече една паралела, бидејќи се работи за спорови, за предизвици од различна природа. Во словенечко-хрватскиот проблем, зборуваме за препрека која има физички карактер, поставување на граница. Во нашиот случај се работи за едно суштинско прашање кое задира во клучните параметри на секое демократско општество. Фактот што постоиме како етникум, како јазик, мислам дека не може да следат разрешница според истата методологија како оваа што вие ја користите.

Се она што може да биде прифатливо треба да го помине филтерот на референдум. Доколку зборуваме за конкретни примери, предлози кои вртеле, мислам дека нивната употребна вредност е исклучително ниска.
Сакате да кажете дека индиректно или директно се преговара и за идентитетски прашања?

Видете, тоа не го кажуваме ние, тоа е она што ни е наметнато од самиот почеток.

Неодамна, претседателот Ѓорге Иванов, во едно писмено соопштение, нагласи дека според преговорите во ОН под покровителство на посредникот Метју Нимиц, се преговара само за името, а не и за идентитетот.

Тоа е точно, но се прави една таква екстраполација што мислам дека доколку не постоеше таа тенденција да се проширува барањето, односно полето на кое се сака да ни се наметне одреден став или мнение, сигурно немаше да бидеме до овој стадиум сега.

Дали имате неквакви контакти, сега, во поскоро време, со посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц? Има ли некакво ново движење?

Имавме прилика да се видиме во Њујорк. Мислам дека од негов аспект, динамиката многу зависи и од волјата која постои од инволвираните страни. Во тој контекст, и особено сега во овој момент, мислам дека инволвираноста, мотивираноста и експонираноста на грчката страна е на непосакувано ниво.

Меѓутоа на Македонија и се брза.

Точно.

Има ли алтернативно решение, бидејќи очигледно, како што стојат работите сега, остануваме надвор од НАТО, а имаме покана и остануваме надвор од ЕУ, а имаме препорака за почеток на преговорите. Која е алтарнативата?

Од аспект на стратешки определби ние немаме алтернатива. Секако дека Македонија припаѓа во евроатлантското и во европското семејство. Тоа ни е целта и кон таа цел се стремиме. Фактот што имаме една препрека која ни е наметната, мислам дека не оди во прилог на интересите кои се и регионални и европски, а и билатерални. Би создало една позитивна клима во која ќе можеме да се посветеме и секако дека би донело и определена динамика од аспект на тоа дека треба да се надмине тоа билатерално прашања во една временска рамка.

Ама тоа надминување во секој случај ќе значи некаква отстапка и од Македонија по прашањето за името.

Ако погледнеме историски, мислам дека ние имаме направено многу отстапки. Не би можел да кажам дека толкави отстапки се направени и од грчка страна.

Можеби формулацијата, како што беше на Самитот во Букурешт, Република Македонија(Скопје)?

Видете, се она што може да биде прифатливо треба да го помине филтерот на референдум. Доколку зборуваме за конкретни примери, предлози кои вртеле, мислам дека нивната употребна вредност е исклучително ниска. Јас не мислам дека ниту тоа решение, ниту некое друго решение е прифатливо решение, доколку ние немаме никаква можност да ги затвориме тие две главни поглавија, односно членството во НАТО и членството во ЕУ. Нам не ни е цел и немаме никаква амбиција да ставиме на референдум прашање за кое однапред знаеме дека не е прифатливо за македонските граѓани.

Да се вратиме на писмата до Филе. Што мислите вие лично за испраќањето писма од разни институции, организации и здруженија? Не е ли тоа работа на дипломатијата и на дипломатската мрежа што ја има Македонија низ Европа?

Она што го мислам со сигурност е дека и бројот и содржината на тие писма се израз на чуствата на граѓаните на Македонија.

Се е тоа така, но реалноста е сосема поинаква. ЕУ очиглено за секоја земја има тешки услови и критериуми, кои што секоја земја треба да ги прифати.

Тоа е така. Она што не е логично е дека треба да го прифатиме секое барање, без разлика дали е принципиелно или непринципиелно, само врз база на една површна проценка.

Доколку Македонија стане членка на НАТО, дали сметате дека тоа автоматски ќе ги подобри шансите на земјава за привлекување на позначителни странски инвестиции, бидејќи членството во НАТО, меѓудругото е и политичка гаранција за стабилност на една земја и за сигурност на границите.

Тоа е и нашето видување и апсолутно соодветствува со нашите стратегиски определби. Мислам дека членството на Македонија во НАТО сигурно ќе ни донесе поголема стабилност и еден подобар, попозитивен имиџ кон надвор. Тој имиџ ќе се рефлектира и со поголема сигурност на странските инвеститори кои би се одлучиле да дојдат.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG