Достапни линкови

logo-print

Скопје да се држи до обврските


Европската комисија бара од сите во Македонија да се фокусираат врз содржината на Извештајот за напредокот, бидејќи она што е важно во него е оценката колку е значајно да се оди натаму со реформите за добро на сите граѓани во таа земја. Ова во интервју за Радио Слободна Европа го наведува Петер Стано, портпарол на комесарот за проширување Штефан Филе. Тој во разговор со нашиот дописник од Брисел Рикард Јозвиак додава дека Комисијата отфрла секаква шпекулација за некаков нов пристап кон прашањето за името.

Какво е мислењето на Европската комисија на писмата испратени од Македонија до комесарот Штефан Филе во врска со прашањето за името?

Примивме неколку писма во кои има жалби или на некој начин се спомнува прашањето за името во Извештајот за напредокот и ние ќе одговориме во догледно време и на соодветен начин. Одговорот ќе зависи од она што е напишано во одередени писма и на што точно се однесува жалбата. Но генерално можам да ви кажам дека Европската комисија отфрла секаква шпекулација за некаков нов пристап кон прашањето за името, бидејќи по се изгледа тоа е главното што го содржат тие писма. Затоа ние отфрламе секакво обвинување или шпекулација дека употребуваме некаква различна методологија, бидејќи се уште ја употребуваме истата методологија кога станува збор за името или за придавките, што ја употребувавме во препораката од 2009 година.


Дали ќе ги земете предвид критиките од Македонија и ќе ја смените методологијата во наредниот Извештај?

Како што реков, ние сме конзистентни во врска со методолгијата. Таа е иста што ја употребувавме во препораката од 2009 година и во основа Европската комисија целосно ја почитува резолуцијата на Обединетите нации за решавање на прашањето за името и затоа ние ќе продолжиме да ја употребуваме времената ознака ПЈРМ или Поранешна југословенска република Македонија се додека не се дојде до заедничко прифатливо решение. Ние навистина бараме од сите да се фокусираат врз содржината на Извештајот за напредокот, бидејќи она што е важно во него е оценката колку е значајно да се оди натаму со реформите за добро на сите граѓани во таа земја.
Европската Комисија отфрла секакви обвинувања или шпекулации дека употребува поинаква методологија кога станува збор за името и придавките. Европската комисија е од едната страна, Македонија е земја кандидат која сака да стане членка на Европската унија, значи постојат дијалог и контакти.


Негативното расположение во Македонија за Европската унија драстично се зголеми поради сево ова. Дали европската комисија е загрижена за ваквиот развој?

Ние го следиме јавното мислење и секако го анализираме. Но, јавната поддршка или расположение варира врз основа на неколку фактори. Ние го следиме тоа и ја уверуваме јавноста во ПЈРМ дека Европската комисија и Европската унија се објективни партнери, а тоа се рефлектира и во Извештајот, бидејќи ние и нудиме асистенција на земјата за тоа како да напредува на патот на реформите до Европскта унија. Ние сме тука да и помогнеме искрено и непристрасно. Тоа од друга страна не значи дека нема да кажеме ако нешто е погрешно. Ние ја уверуваме јавноста во таа земја дека сме искрен, објективен и непристрасен партнер. Ние се држиме до нашите ветувања и очекуваме од Скопје да се држи до секој дел од обврските и до задачите кои ги има преземено.

Во Извештајот за напредок објавен во минатиот месец уште еднаш препорачувате започнување преговори со Македонија, по трет пат. Но, се уште од 2005 година кога земјата го доби кандидатскиот статус ништо не се случи и тоа главно поради прашањето со името. Дали Европската комисија посилно ќе притисне за решавање на ова прашање?


Како што спомнавте, во Извештајот се содржи повторувањето на препораката за отворање пристпани преговори, тоа е од клучно значење. Но исто така од клучно значење е да се постигне прогрес за главното прашање, прашањето за името. Што се однесува до решението, тоа е на страните да го најдат и кое ќе биде заеднички прифатено со што ќе се заврши спорот. Комесарот Филе во минатата недела во Стразбур се сретна со министерот Никола Попоски и потенцира дека навистина е потребно да се удвојат напорите за да се најде такво решение. Но, тоа е на страните.

Како Европската комисија од друга страна ќе ја притисне Грција која како земја членка го попречува патот на Македонија?

Можам само да повторам дека ние навистина бараме од двете страни да ги удвојат напорите да најдат заеднички прифатливо решение за прашањето за името.

Дали комесарот Филе има доверба во македонскиот премиер?

Европската комисија и членките на Комисијата секако ги прифаќаат своите партнери како партнери, тие се договараат со нив врз основа на обврските и врз основа на односите што ги имаат воспоставено. Значи тие се договараат меѓусебно. Европската Комисија отфрла секакви обвинувања или шпекулации дека употребува поинаква методологија кога станува збор за името и придавките. Европската комисија е од едната страна, Македонија е земја кандидат која сака да стане членка на Европската унија, значи постојат дијалог и контакти. Тие се партнери.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG