Достапни линкови

Интервју - Ален Бергант


Би било добро да се најде некоја формула Македонија да почне со преговорите, а паралелно да се решава прашањето за името, вели амбасадорот Бергант.

Амбасадоре, во Македонија не постои консензус меѓу политичките елити околу тоа како да се чита извештајот на ЕК. За едни тој е реален одраз на состојбите, за други, пак, е тенденциозен. Како вие гледате на овогодинешниот извештај за напредокот на Македонија?

Ова е веќе десети извештај за Македонија и од самиот почеток Македонија беше првата држава од западен Балкан што во 2001 година ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација, значи многу добро Македонија знае што е овој извештај. Јас читам по весниците толкувања и прашања, за тоа дали тој е позитивен или негативен. Јас не би гледал дали е позитивен или негативен. Тој дава една реална слика, ја прикажува конкретната состојбата која беше направена од минатата година па до денес, исто така извештајот претставува еден патоказ за тоа што Македонија треба да направи. Значи извештајот дава препораки што Македонија треба да ги направи во иднина. Така што го гледам како балансиран, реален и веќе гледам дека се почнува да се работи на забелешките кои беа дадени, на препораките од извештајот, бидејќи знаеме од она што го кажа потпретседателката на владата Теута Арифи дека веќе се изготува втор акционен план кој ќе даде одговор на сите забелешки и препораки и ќе биде имплементиран до средина на мај и целиот овој акцонен план ќе биде инкорпориран во т.н. национален план на Македонија.

Гледате ли вие во изјавите на евро-дипломатите промената стратегија на Унијата со цел да се изврши зголемен притисок врз Македонија за решавање на спорот за името?

Сигурно мислите на изјавите на комесарот Филе!? Значи, ова што тој го изјави мислам дека не беше ништо ново, истото беше кажано и од комесарот, како и од претседателот на ЕК, Баросо, кога беа годинава тука, во Охрид. Со нивната посета во Охрид, се направи дијалог на високо ниво, исто така сега во ноември ќе имаме и две високи средби овде во Македонија, како економската конференција. Тоа е само дополнителна помош за Македонија да го зајакне темпото на реформи, бидејќи ЕК сака Македонија да стори што е можно повеќе во врска со реформите, а исто така и ЕК и сите држави членки секако дека би сакале овој спор кој го имате со Грција што побргу да се надмине.

Гледате ли вие можност во наредниот извештај препораката за преговори да биде повлечена доколу не се реши спорот со името?

Па јас сега не би размислувал за следната 2012 година, во декември е заседанието на европскиот Совет, тогаш ќе се одлучи што ќе се случи со препораките на Европската Унија, кои се позитивни во однос на Хрватска, дека ги исполниле сите седум критериуми, исто така дека многу позитивни, суштински промени направила и Црна Гора и таа следната година ќе добие датум за почетокот на преговорите, исто така се надеваме дека Србија ќе добие статус на државата кандидат и кога сме во соседството, уште и дека Косово ќе почне со разговори за визната либерализација. Има држави, не само Словенија, кои размислуваат околу тоа Македонија од една страна да ги почне преговорите, а од друга страна овој спор да се решава, бидејќи ние не гледаме никаков проблем зошто Македонија не би можела да почне порано со преговори и можеби на крајот исто како што беше и за НАТО, додека не се реши спорот да не добие покана, јас мислам дека тоа позитивно би влијаело на процесот на реформи во Македонија и исто така би бил поголем притисокот околу тоа дека името треба да се реши бидејќи Европската Унија сега има исто нови идеи, да државите уште на самиот почеток кога би почнале со претпристапните преговори да го отворат поглавјето 23 и 24, односно правосудство и основни права и правда, слобода и безбедност, поглавја кои всушност се најтешки.

Факт е дека препораката годинава беше повторена по трет пат очекувате ли извесна апатија кај македонските граѓани доколку продолжи ова статус кво во поглед на евроинтегрирањето?

Теоретски сигурно дека е можно, но тука е работа на владата да продолжи со реформите бидејќи реформите не ги правите за Брисел, туку за себе си. Значи ова темпо на реформи треба да продолжи и во меѓувреме јас сум убеден дека ќе се најде решение за името, бидејќи ова е неиздржливо со оглед на тоа колку долго веќе трае овој спор, и да се најде некоја друга формула за Македонија да почне со преговорите. Значи би било добро да се најде некоја формула што не би била ниту на штета на Атина, ниту на Скопје за паралелно да се решава прашањето за името, а Македонија да почне со преговорите.

Сметате ли дека критиките по одредените области во извештајот беа пренагласени?

Јас мислам дека извештајот беше реален и ги нагласува подрачјата каде навистина Македонија не направила толку голем напредок, а сигурно и од она што го читам во извештајот од Брисел, но и од други, главна забелешка беше слободата на изразување, значи медиумите. Но, веќе гледаме дека беше формирана посебна работна група со која претседава вицепремиерката Теута Арифи и веќе се направени некои тркалезни маси, значи дека има напредок и на тој план, но ЕУ и другите организации како ОБСЕ ќе го следат тоа, бидејќи тоа беше една забелешка и мислам дека следната година на овој план оценката ќе биде подобра бидејќи Европската Комисија сака да ги издвои подрачјата на кои Македонија треба уште да поработи и медиумите, корупцијата, јавната администрација, правосудството, тоа беа полиња на кои уште треба да се работи.

Мислите ли дека сите тие проблеми коишто излегоа во последно време во врска со слободата на изразувањето и со слободата на независноста на медиумите, може да ги врати демократските процеси во земјата наназад?

Јас мислам дека беше добро ова од ЕК бидејќи медиумите пред неколку години не беа проблем, но слободата на медиумите не се проблем само во Македонија туку во целиот регион на западен Балкан, така што јас мислам дека ова прашање ќе се реши, ЕУ сигурно тоа ќе го следи и секако дека ќе нудиме помош. И во овие рамки ја гледам посетата на претставничката на ОБСЕ, да се најде заедничка солуција за тоа, да се надмине тој проблем, бидејќи и граѓаните со тоа ќе добијат подобри информации и јавниот сервис да биде јавен сервис за сите граѓани, комерцијалните исто така.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG