Достапни линкови

logo-print

Огледалце, огледалце...


Остра дебата меѓу власта и опозицијата за изештајот на Европската комисија

Остра дебата меѓу власта и опозицијата за изештајот на Европската комисија

„Огледалото“, односно извештајот на ЕК, ја кажа вистината и премиерот Груевски реши да го скрши, критикува опозицијата. Жестока собраниска дебата за „Бриселската бајка“.

Преку прераскажување на приказната за огледалцето која го симболизира извештајот за напредокот на земјава од страна на Европската комисија, пратеничката Радмила Шеќеринска од Социјалдемократскиот сојуз испрати остра критика за актуелната политика на Владата. Според опозицијата, целта на власта не е да ја внесе Македонија во Европската унија.
Кога оваа година „огледалото“ ја соопшти вистината која не требаше да ја чекаме да дојде од Брисел, премиерот Груевски се одлучи на драматичен пресврт - да го скрши „огледалото“.

„Се додека „огледалото“, односно извештајот на ЕК, велеше дека најубавиот е овдешната влада, сегашниот премиер, владејачкото мнозинство, се дотогаш работите одеа добро, кога оваа година „огледалото“ ја соопшти вистината која не требаше да ја чекаме да дојде од Брисел, премиерот Груевски се одлучи на драматичен пресврт - да го скрши „огледалото“, рече Шеќеринска, критикувајќи го притоа односот на владата кон изоставувањето на придавката „македонски“ во овогодинешниот извештај и нејзината политика на како што рече: ни име, ни ЕУ.

Власта регираше на обвинувањата од опозицијата. Извештајот е позитивен и тој покажува дека реформската политика на оваа влада дава резултати, рече Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеничката Благородна Дулиќ пак од истата партија препозна злоба и лоши намери во говорот на Шеќеринска.

Огледалце, огледалце, на светот најубав кој е? До 2006 година тоа беа колегите од СДСМ на чело со колешката Радмила Шеќеринска. Таков настап, толку злоба да се има за својата држава, толку негативно да се настапи против својата влада.
„Огледалце, огледалце, на светот најубав кој е? До 2006 година тоа беа колегите од СДСМ на чело со колешката Радмила Шеќеринска. Таков настап, толку злоба да се има за својата држава, толку негативно да се настапи против својата влада, тоа е влада на сите нас.“

Според опозицијата, Македонија била лидер во евроинтегрциите во 2005 година, а денес таа е на балканската опашка.

„Главни приоритети на оваа влада се инвестирање во антиквизација, насилни поделби на населените помеѓу патриоти и предавници, насилно делење на народот на антички и словенски Македонци“, рече Наташа Савова-Салковска од СДСМ.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се обидоа да ги потенцираат позитивните аспекти на извештајот и тоа што земјава по трет пат ја задржа препораката за членство. Според поголемиот број дискутанти, било јасно дека земјава не добива датум за преговри поради блокадата од Грција и дека придавката македонски ја нема во извештајот поради притисокот кој нашиот јужен сосед го врши врз Европската унија.

„Пренагласените забелешки јас можам да кажам дека ги разбирам едноставно како тенденција на ЕК за да се изврши притисок врз Република Македонија да се смени името, јазикот и националниот идентитет на Македонија“, рече Косана Николиќ-Мазнева од ВМРО-ДПМНЕ.

Според пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, обвинувањата на опозицијата би можеле да создадат слика за внатрешното нееединство во однос на вашни стратешки прашања. Опозицијата, пак, остана дослeдна во тврдењета дека актуелната влада ја држи Македонија заробена во минатото.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG