Достапни линкови

logo-print

Опозицијата и дел од експертите бараат да не се уништува пописниот материјал со цел утврдување на евентуален пописен фалсификат.

По прекинувањето на пописот останува непознато дали ќе се направи анализа и ќе се разгледува собраниот материјал. Пратеничката група на СДСМ планира да оди докрај и ги користи законските можности да се утврди морална, политичка, но и кривична одговорност за пописот. Од таму бараат пописниот материјал да не се уништува, како доказ за утврдување евентуален пописен фалсификат:

„Да видиме кој попишувач се попишал на формуларот и ако некој попишувач користел фотокопии на лични карти на граѓани кои не живеаат тука подолго од 12 месеци ќе го видиме кој е тој попишувач, обвинителството ќе треба да го праша кој му наредил така да постапи, дали своеволно или имал инструкции дека треба да попишува врз основа на фотокопии од лични карти, што е спротивно на законот“, посочи Ана Павловска Данева.

Од СДСМ очекуваат дека Јавниот обвинител во најкус можен рок ќе забрани да се уништат пописните материјали, а пратеничката група поднесе кривична пријава против непознат сторител заради покренување постапка.

Експертите искажуваат различен став за тоа колку е изводлива операцијата во која пописните материјали ќе се искористат како доказен материјал неопходен за утврдување на фактичката состојба.

Ристо Малчевски, професор по статистика на ФОН, препопрачува дека најпрвин треба да се одржи нов попис. Според неговите зборови, материјалот е беспредметен за институциите бидејќи незавршен попис не може да се искористи. Тој материјал може да се искористи како доказ само ако спроведеме целосен попис и се споредат податоците, вели Малчевски:

„Меѓутоа и тогаш имаме проблем, треба да имате во таа евентуална истрага комплетна анализа на влезот и излезот на граѓаните и да ги споредите со попишаните граѓани, операција која што практично е толку голема да не знам и дали е изводлива. Вие морате на милион граѓани комплетно да извршите спроведување на податоците со влез и излез во тој период и ако имате извештај за тој граѓанин, треба да се види со датумот за пописот, по датуми.“

Професор Осман Кадриу вели дека на оваа тема е потребна и поширока дебата со експерти, но смета дека собраниот материјал може да се разгледува и пред повторното одржување на попис:

„Преку тие материјали ќе се утврди дали навистина одделни лица кои се попишани, биле или не биле тука. Има индикации дека се попишани и лица кои се починати, значи може многу нешта да се откријат ако имало девијации.“

До барањето дојде по оставката на Државната пописна комисија и по евидентното кажување на попишувачи на терен дека пописот се соочува со проблеми од необучени попишувачи до попишување со фотокопии од документи.

Не е познато кога повторно ќе се закаже и пописот. Во меѓувреме коалициските партнери во власта треба да се договорат како ќе се толкуваат моментите кои доведоа до прекинување на пописот.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG