Достапни линкови

Култура на страв


Многу сме загрижени за тоа дека постои култура на страв, луѓето се многу исплашени во независното вршење на новинарската работа, вели Арне Кенинг, претседател на Европската федерација на новинари.

Г-не Кенинг, ги имате ли сите информации за сосотојбите со македонското новинарство за да ни пренесете и некои првични впечатоци?

Сосема сум сигурен дека ги имам сите информации, но засега сме многу загрижени за тоа дека постои култура на страв, луѓето се многу исплашени во независното вршење на новинарската работа. Исто така добивме информации за тоа дека од луѓето се бара да не се организираат во здруженија, постојат и многу случаи каде што работодавците бараат од луѓето да ги пласираат нивните ставови наместо новинарскиот. Ова е голем проблем и не создава независно новинарство, и тоа е нешто што ние треба да го промениме доколку можеме.

Знате дека дијалогот со владата е одбран како начин за надминување на проблемите. Очекувате резултати од ваквиот дијалог?

Навистина се надевам дека овој дијалог навистина води кон тоа, но како што разбрав од извештаите што ги добив е дека до сега нема никаква реална промена во практиката. Во многу случаи исто така е проблем тоа што вие бирате меѓу дијалогот и некакви ефекти од него или легислативата. Честопати, сметаме дека дијалогот и колективното договарање ќе даде најдобри резултати, но тие треба да се применат и тоа би било најдобро. Но сепак, среќни сме што постои тој дијалог.

Постојат ли можеби поефикасни начини на решавање на ваков тип проблеми?

Основната работа е дека политичкиот естаблишмент во сите држави треба да сфати за што служи новинарството, новинарството треба обезбедува пристап до информациите, да нуди различни гледишта, не да го претставува светот како црно-бел. Треба да постои таа независна група на луѓе коишто се обучени, новинарите, коишто известуваат за тоа што се случува во општетсвото и тие треба да ја имаат целосната поддршка во тоа. Не треба да бидат изложени на стравот дека ако не ги пренесуваат ставовите на сопственикот на медиумите, ќе бидат отпуштени. Тука нема независно новинарство. А тоа во моментов се случува. Многу луѓе се плашат дека ќе ги загубат работните места ако кажат што мислат.

Какви се можностите нашето здружение на новинари да добие помош од европската федерација на новинари?

Ние не дејствуваме така. Ние се обидуваме да дадеме совети, помагаме во координацијата со останатите организации, како што сега ја направивме средбата со колеги од Србија, Хрватска, Бугарија и Германија и се обидуваме да го пренесеме заедничкото искуство што го имаме собрано во европската федерација и исто така се обидуваме да им помогнеме да спроведат одредени проекти како и да пронајдат извори на финансирање за нив. Тоа е еден од целите и на овој сосотанок пшто го имавме во Скопје.

Очекувате ли резултати од борбата на федерацијата?

Арне Кенинг, претседател на Европската федерација на новинари
Арне Кенинг, претседател на Европската федерација на новинари
Федерацијата не се бори само за своите членки туку и за тоа јавноста да биде информирана за да може општетсвото да се развива во демократска насока. Ако тоа не е така, тогаш имаме сериозен проблем во Европа, затоа што ова што се случува сега, на пример во Грција, како ќе бидеш информиран за овие многу проблематични настани во општетсвото ако немаш новинарство на коешто можеш да му веруваш. На Европа и претстојат уште поголеми кризи и нам ни е потребно новинарство на коешто уште повеќе треба да му веруваме. Во спротивно, општествата ќе назадуваат.

Постои ли специфичност на ситуацијата во Македонија околу која сте посебно загрижени?

Мислам дека е прашањето на сопственоста, на политичката сопственост, бизнис соптвениците на медиумите... Не е секогаш лесно да направиш добро новинарство. Можеби треба да постои систем меѓу сопственикот и новинарот што му овозможува на новинарот слобода на известување. Можеби тоа може да биде еден од начините. Мора да постои извесно разбирање од страна на раководството на медиумите дека мора да постои слободно исвестување, а тоа во моментов не е случај.

Каква е состојбата со слободата на медиумите во регионот. Има ли простор за споредба?

Се плашам дека не постојат нивоа на помалку или повеќе лоша состојба, зошто мислам дека во сите земји постојат големи тешкотии. А еден од проблемите на новинарството во моментов е тоа што голем дел од сопствениците не го гледаат новинарството како што претходно опишав туку како извор на приходи, како произведувач на профити, како нешто што дава можност да се пласираат ставовите на сопственикот, а најголемиот предизвик е политичките раководства да сфатат дека новинарството има одредена улога и мора да биде способно да пренесува информации на слободен начин до луѓето коишто мора да одлучат сами како ќе го живеат својот живот.
XS
SM
MD
LG