Достапни линкови

Интервјуто на премиерот Груевски и пораките упатени до Брисел, главна тема во неделните печатени изданија.

Мега-интервјуто на премиерот Груевскиза државната агенција МИА, кое во еден дел од јавноста беше оценето како бомба упатена кон Брисел и напуштање на евроатлантските аспирации на Македонија, а во друг дел како храбар потег на премиерот кој, ете, нашол храброст на евробирократите да им каже се' в лице, наидува на одгласи и во неделниците.
Остра реторика на релација Скопје-Брисел.

Остра реторика на релација Скопје-Брисел.


Фокус - Вредниот пастир контра нечесниот Брисел

Фокус, во уводникот со наднаслов: „Гранапчиски мудролии“, го анализира овој потег на „Вредниот пастир контра нечесниот Брисел“, како потег со кој Калимеро политиката, како што пишува, проширена и надградена со отворено кавгаџиство со целиот свет всушност постојано работи во корист на сопствената штета. Па после нека не ви е нејасно зошто Грција ја добива битката за името. Во славното интервју, продолжува уводничарот на Фокус, Груевски го призна крахот на нашата надворешна политика и покрај мудрувањето на неговите мегафони да се стрпиме до одлуката на судот во Хаг или до банкротот на Грција, зашто Западот гледал со симпатии на Атина и во битката немало да ни помогне ниту едното ниту другото. Но, Пастирот нема намера да признае каква било грешка, плачкото Калимеро шалта во шеста брзина и почнува отворено кавгаџиство, доследно на целта, до последен момент да работи за грчка полза, а на македонска штета, заклучува неделникот. А по една година, кога ќе дојде времето за нов извештај од Брисел, доколку ја загубиме и препораката, дали некој ќе понесе одговорност за уште една изгубена година, или неговите поддржувачи малоумно ќе констатираат задоволство што визионерот Груевски уште сега ни откри дека баш таков заговор ни скроила Европската унија, резигнирано прашува со констатација Фокус.

Глобус - (Не)пристојноста во Републиката на Непопишаните

Колумната „(Не)пристојноста во Републиката на Непопишаните“ во Глобус го анализира менувањето на менталната матрица на Македонецот под влијание на, како што пишува, умноста на вмровската лудост. Македонецот е изложен на сериозен процес на ослободување од можноста да носи рационални одлуки. Убиството на вистината, разорената естетика и судирот со очигледноста, гарнирани со силата која во перцепцијата на луѓето е многукратно поголема од нејзините реални дострели, имаат за цел да му олеснат на нашиот човек да живее со се' помали дози на разум. Уште повеќе, вмровската политичко-медиумска агресија му покажува дека неговите шанси за преживување се правопропорционални на просторот што тој го ослободува од разумот и тој е критериум кој на еден дарвинистички начин ја дефинира неговата нова, вмровска разумност, заклучува колумнистот во Глобус.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG