Достапни линкови

logo-print

Половина од граѓаните против промена на името


Скоро половина од граѓаните во истражувањето на МЦМС и Институтот за демократија, се против каква било промена на името.

Скоро половина граѓани се цврсто против каква било промена на името. Ова е заклучокот од најновото истражување на Институтот за демократија и Македонскиот центар за меѓународна соработка на тема спорот за името - ставови на јавноста. Според резултатите, за никаква промена на името се определиле 45,3 % од испитаниците, 44 проценти одговориле дека не прифаќаат ниту една географска одредница, над 39 проценти имаат став да се зачувува името и по цена на застој, а на можен референдум за име за севкупна меѓународна употреба би гласале со „не“ 58,4 % од испитаниците.

Има етничка разлика, За мнозинството Албанци, ЕУ и НАТО се поважни, а повеќето Македонци се за зачувување на името по цена на застој на ЕУ и НАТО интеграциите.
„Има етничка разлика. За мнозинството Албанци, ЕУ и НАТО се поважни, а повеќето Македонци се за зачувување на името по цена на застој на ЕУ и НАТО интеграциите“, изјави авторот на истражувањето Сашо Клековски.

Можниот модел за прифатлив компромис за граѓаните, иако во истражувањето е со малцинска поддршка, е „Северна Република Македонија“ или „Република Македонија (Скопје)“, како договорено име за употреба во меѓународните организации.

Податоци од истражувањето на МЦМС и Институтот за демократија

Податоци од истражувањето на МЦМС и Институтот за демократија


„69,4% одговориле дека не им е прифатливо редефинирање на државјанството на пример како граѓани на Северна Република Македонија, а 74% не им е прифатливо додефинирање на македонскиот јазик во смисла - македонски јазик во заграда (официјален јазик на Република Северна Македонија).“

Истражувањето покажува дека во тек е национално обединување околу спорот за името и во 2011 г. се намалуваат етничките разлики, односно граѓаните од сите етнички и партиски припадности ја бранат црвената линија за идентитетот (против додефинирање на јазикот) и бараат одлука за името на референдум. Постои консензус дека за името ќе се одлучува на референдум. Мнозинство граѓани (64 %), од сите етнички и партиски припадности бараат одлука за името на референдум.

Директорот на Институтот за демократија Владимир Мисев вели смета дека политичките елити нема да го променат својот став кон прашањето за името. Едно е да обезбедите поддршшка внатре во државата, но тоа не е гаранција дека со тоа ќе се согласи другата страна.

„Во домашен контекст не би имале многу што да променат македонските политичари затоа што веќе имаат направено, ние како граѓани на Република Македонија имаме направено и доволно отстапки“, вели Мисев.
Во домашен контекст не би имале многу што да променат македонските политичари, затоа што веќе имаат направено, ние како граѓани на Република Македонија имаме направено и доволно отстапки.

Она на што укажуваат резултатите од истражувањето е дека граѓаните имаат стравувања дека Грција ќе бара нови отстапки во идентитетот и јазикот дури не го уништи македонскиот идентитет и дека ќе има раскол на предавници и патриоти. Овие две закани се закани по опстанокот на нацијата и веројатно се главен мотив во одбивање компромис, вели Клековски.

„Кога ќе ги чуете барања за ексклузивна употреба на терминот Македонија само за Грција, тогаш како ќе ве убедат Груевски и Црвенковски дека треба да прифатите компромис? Никако! Затоа што чувството на закана од Грција е многу големо.“

Иако бројките не се променети од последното истражување, Клековски смета дека земјава треба да ги продолжи преговорите со Грција. Прашањето не е само влез во Европската унија и во НАТО, туку се работи за историско помирување со јужниот сосед и надминување на меѓусебната недоверба, заклучува Клековски.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG