Достапни линкови

КФОР започна да ги отстранува барикадите


КФОР денеска употреби солзавец на почетокот на акцијата за отстранување на барикадите на северот на Косово. Околу 150 косовски Срби се обиделе да ги спречат војниците на НАТО во нивната намера кај преминот Брњак.

Со над десетина возила, припадници на КФОР во текот на изминатата ноќ тргнале од базата во Ново Село кај Вучитрн кон Ибарски Колашин и кон преминот Брњак.

Тие, како што јавува српската новинска агенција Бета, се обидувале да ги отстранат барикадите, а на два пати врз насобраните косовски Срби фрлиле и солзавец. Притоа имало повредени на двете страни. КФОР соопшти дека полесно биле ранети осуммина војници.

Војниците кои биле од германскиот и од аврстискиот контингент на КФОР ги предупредувале луѓето дека се наоѓаат во зоната која е под одговорност на КФОР и да се вратат во нивните домови.

Тие не реагирале на ваквите повици и барале конвојот да се врати во базата до постигнување спогодба со нивните претставници.

На другите барикади на северот на Косово немало обиди на КФОР за нивно отстранување. До акцијата дојде откако лидерите на косовските Срби и претставници на НАТО не се договорија околу барикадите, кои го блокираат пристапот до граничните премини Брњак и Јариње.
Ние сме во целосна координација со КФОР и ЕУЛЕКС и притоа имаме консензус за воспоставување ред, за отстранување на барикадите и за нормално функционирање на тој дел на територијата.

Претседателот на Србија, Борис Тадиќ, денеска ги повика КФОР и ЕУЛЕКС да се воздржат од употреба на сила. Тадиќ на локалните лидери на Србите од северниот дел на Косово им порача да преземаат одлуки исклучително во интерес на граѓаните и да придонесат за зачувување на српскиот народ на Косово, а не, како што наведува, на интересите на нивните партиски шефови кои и оваа прашање дневно-политички го инструментализираат.

Еден од лидерите на Србите, Раденко Недељковиќ, изјави дека Србите на северот на Косово имаат целосна поддршка од Белград:

„Јас сум во секојдневна комуникација со државниот врв на Република Србија, преку министерот Богдановиќ. Државниот врв, претседателот на државата и на владата стојат зад овој народ. Тие ни даваат целосна поддршка во нашата мирна и решавачка борба да истраеме во нашите барања“, вели Недељковиќ.

Од друга страна, вицепремиерот на Косово, Хајредин Кучи, повторува дека на северот ќе биде воспоставена слобода на движење, независно од отпорот на групите, кои, според него, имаат интерес за криминал и шверц

„Ние сме во целосна координација со КФОР и ЕУЛЕКС и притоа имаме консензус за воспоставување ред, за отстранување на барикадите и за нормално функционирање на тој дел на територијата.“

Кучи додава дека КФОР и ЕУЛЕКС, како и косовската полиција ги имаат предвид сите околности и дека претпазливо ќе дејствуваат со цел да се излезе од оваа ситуација.

Во јули, властите во Приштина распоредија безбедносни сили на двата премина кон Србија, по што косовските Срби реагираа со блокирање на патиштата, а имаше и судири со косовската полиција.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG