Достапни линкови

Почнува Скопски џез фестивал


На стартот од фестивалот настапува легендарниот њујоршки саксофонист Вејн Шортер.
На стартот од фестивалот настапува легендарниот њујоршки саксофонист Вејн Шортер.

Со Вејн Шортер, Пет Метини, Мирослав Витоуш и Чарл Лојд како најзвучни имиња започнува 30-то јубилејно издание на Скопскиот џез фестивал.

Скопје во престојниве денови наново ќе стане една од маркантните точки на светката џез мапа. Во својот вообичаен термин, од 20 до 24 октомври, ќе се случи 30-то јубилејно издание на Скопскиот џез фестивал, манифестацијата што во триве децении од ентузијастички сон на неколкумина вљубеници во овој вид музика израсна не само во едно од најреномираните во регионот туку и во случување по кое сме препознаени како урбана средина со сопствени културни вишнеења. Од таму сосема е разбирливо што организаторот за годинава најавува извонредно богата, квалитетна, досега најдолга и најсодржајна програма.
Американскиот гитарист Пет Метини.
Американскиот гитарист Пет Метини.

„Јубилејот е една посебна приказна што може да се види во самата програма која во секој случај е далеку посилна од било која друга година“, вели Оливер Белопета, првиот човек на Скопскиот џез фестивал.

Фестивалот официјално ќе започне со младите Бразилци Алесандро Пенеци на гитара и Алешандре Рибеиро на кларинет, мајстори на своите инструменти, за да потем во Универзална сала го проследиме настапот легендарниот њујоршки саксофонист Вејн Шортер. Најголемиот жив џез-композитор, кој во 70-тите години на минатиот век го создаде најиновативниот фјужн бенд во историјата на џезот ВЕДЕР РИПОРТ, во Скопје ќе го придружува неговиот ѕвезден бенд во кој се одличните Данило Перез на пијано, Џон Патитучи на бас и Брајан Блејд зад тапаните.
Јубилејот е една посебна приказна што може да се види во самата програма која во секој случај е далеку посилна од било која друга година
Оливер Белопета, Скопски џез фестивал

Во истата вечер во киното „Милениум“ на полноќ ќе ги чуеме ТРИО КОРИЕНТЕ, чијашто музика претставува храбро препрочитување на високите дострели на композиторите што се олицетворение на бразилската музика, од Жобим до Пишингиња.

​Втората вечер ќе ја отвори квинтетот на славниот чешки басист Мирослав Витоуш, инструменталистот кој заедно со Шортер беше во оригиналната постава на ВЕДЕР РИПОРТ и чиј последен проект му е посветен токму на легендарниот бенд, за да потем го проследиме и настапот на легендарниот американски саксафонист Чарлс Лојд во чиј НОВ КВАРТЕТ се истакнатите Џејсон Моран на пијано, Рубен Роџерс на бас и Ерик Харланд на тапани. По полноќ ќе концертрира шведската супер група ФАЈР чиј звук се движи од гаражен рок до фри-џез.

Во сабота, наместо американскиот трубач Грем Хајнс кој го откажа настапот, први ќе засвират експериментаторите ИСТАНБУЛ СЕЈШНС, по нив ќе следува перформансот на норвешкиот трубач Нилс Петер Молваер, за да потем во малку поинтимна атмосфера финишира италијанското трио ЗУ кои го вкрстуваат навидум неспоивото – метал, њу-вејв, фри, панк и џез.


На 22 октомври во МОБ ќе настапат две американски групи. Најнапред ќе го видиме триото на пијанистот и композитор Виџер Ајер, кој се смета за еден од најоригиналните џез-уметници под 40 години, а потем и легендарниот Мухал Ричард Абрамс, кој во случајов ќе биде придружуван од Џорџ Луис на тромбон и лаптоп и Роско Мичел на саксофон и флејта. На полноќ, пак, во киното Милениум е предвиден настапот на Холанџаните Д ЕКС , чијашто мешавина од различни музички стилови ги чини еден од најоригиналните состави денес.
И, конечно фестивалот завршува во понеделник на 24 октомври во Универзална сала со долгоочекуваниот концерт на американскиот гитарист Пет Метини кој зад себе има 18 награди Греми во дури 10 различни категории, над 70 објавени албуми и многубројни соработки со врвни музички имиња како Орнет Коулмен, Џеко Пасториус, Чик Кореа и Дејвид Боуви.

Инаку, во рамките на предфестивалските случувања се одржаа концертните промоции на новите албумски изданија на СЕТСТАТ и триото на пијанистот Васил Хаџиманов, а на вечерта на новиот европски џез музицираа Норвежанката Мари Квиен Брумвол, КАЈА ДРЕКСЛЕР КВИНТЕТ и француското трио МЕТАЛ-О-ФОУН.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG