Достапни линкови

Белград „контра“ барикадите на Косово


Дали официјален Белград игра двојна политика со косовските Срби и проблемот со барикадите?

И покрај тоа што нема сомневање дека КФОР ќе ги отстрани барикадите на северот на Косово, доколку локалните Срби тоа не го сторат сами, властите во Србија не помагаат за смирување на страстите. Од Белград нема јавна порака до Србите да ги тргнат блокадите и да избегнат секаква можност за опасно зголемување на тензиите и евентуални судири со меѓународните сили.

Радио Слободна Европа, од извори во владата на Србија, дознава дека на Србите на Косово им било порачано да ги отстранат барикадите, а официјален Белград бил во постојан контакт со претставници на НАТО. Зошто се тајна советите од Белград за косовските Срби, открива пратеникот од Демократската партија, Драгољуб Миќуновиќ.
Драгољуб Мичуновиќ
Драгољуб Мичуновиќ


„Па, од проста причина што постојат и оние другите кои се подготвени веднаш да преземат контра-офанзива, да направат инциденти и слично.“

Миќуновиќ додава дека на северот на Косово дејствуваат и криминални и полу-криминални сили. Претседателот на Србија, Борис Тадиќ, исто така јавно не соопштува што им препорачал на косовските срби, сметајки дека тоа би било политички недоговорно.

„Би бил неодговорен кога преку медиумите би им кажувал на луѓето таму што треба да направат. Јас имам директна комуникација со нашите граѓани на Косово и имам начин да им упатам порака.“

Со ваквиот став на Тадиќ не се согласуваат аналитичарите. Бошко Јакшиќ, коментатор во весникот Политика, смета дека во секој момент, а посебно во време на криза, граѓаните на Србија треба да знаат што прави нивната власт.


„Кога се знае колку е кревка моменталната ситуација и кога секој инцидент може да произведе тешки последици, граѓните имаат право да знаат што им порачал претседателот Тадиќ на косовските Срби.“

Според Јакшиќ, криењето на информациите само отвора простор за шпекулации дека постојат изјави за внатрешна употреба и изјави за надворешна употреба, а сега и изјави за соседска употреба. Испраќањето на двосмислени и нетранспарентни пораки, особено во услови на тензии, е контрапродуктивно, оценува и Зијад Беќировиќ, директор на љубљанскиот Меѓународен институт за блиско-источни и балкански студии.

„Мислам дека тоа е грешка на претседателот на Србија. Сите јавни функционери се избрани од граѓаните и мора да испраќаат јасни пораки, особено кога станува збор за кризна ситуација.“

И многумина други аналитичари оценуваат дека тоа што властите во Белград јавно не ги повикуваат Србите на северот на Косово да ги отстранат барикадите, всушност им даваат индиректна подршка и не помагаат во смирувањето на тензиите.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG