Достапни линкови

Толерантноста на ниско ниво


Од натпреварот меѓу Шкендија и Тетекс. Ниту спортски натпревар меѓу двете најголеми етнички групи не поминува без инциденти.

Од натпреварот меѓу Шкендија и Тетекс. Ниту спортски натпревар меѓу двете најголеми етнички групи не поминува без инциденти.

Многу малку е потребно за разгорување на односите на меѓуетнички план. Последно, неколку спортски настани покажаа дека степенот на толеранција е на ниско ниво.

Спортски натпревар е доволен да се разгорат меѓуетничките тензии во земјава, па и да дојде до тепачка и инциденти меѓу припадниците на различните националности. Дека степенот на толеранција меѓу граѓаните е на ниско ниво покажаа нередите во Тетово по фудбалскиот натпревар меѓу Шкендија и Тетекс. Додека пак кошаркарскиот натпревар меѓу МЗТ и Лирија беше прекинат поради националистичкото навивање на домашните фанови насочено кон гостинските кошаркари.

Професор
Не се движиме во некоја нагорна линија во однос на меѓуетничките односи, односно кревки се очигледно многу и лесно може мал инцидент да ги наруши.
Мирјана Малеска вели дека загрижувачки е фактот што многу малку е потребно да се нарушат односите на етнички план.

„Не се движиме во некоја нагорна линија во однос на меѓуетничките односи, односно кревки се очигледно многу и лесно може мал инцидент да ги наруши.“

Џабир Дерала од невладината Цивил вели дека нетрпеливоста меѓу различните заедници е присутна и таа се јавува како последица, а не како причина во дадена ситуација.

„Проблемот на македонското општество кое е толку длабоко поделено по етничка линија најмногу, гледаме дека всушност е последица од лошата политика на оние кои се задолжени да спроведуваат европски политики, а спроведуваат политики на национализам, националшовинизам, омраза и нетолерантност во општеството.“

Проблемот на македонското општество кое е толку длабоко поделено по етничка линија најмногу, гледаме дека всушност е последица од лошата политика на оние кои се задолжени да спроведуваат европски политики, а спроведуваат политики на национализам.
Според Малеска, виновна е политиката која ја води власта во земјата, бидејќи таа е насочена кон јакнење на македонскиот идентитет, а проблемот е и разединетоста меѓу етничките заедници на важните прашања.

„Ако ги видите анкетите ќе видите дијаметрално спротивни гледишта на двете заедници околу да кажеме се што се вложува за зајакнување на македонскиот национален идентитет. Ако им поставите прашања во врска со ЕУ и НАТО, повторно една голема делба и ако тука не се обединиме, околу стратешките прашања, ќе се случуваат вакви инциденти.“

За Дерала, институциите се тие кои треба да изградат општество со европски вредности кои се темелат на широко познавање и прифаќање на туѓите култури и почитување на човековите права и слободи.

„Континуирана битка да се добие што е можно по пристоен, по релаксиран амбиент за живеење на сите чинители, се разбира таму се и граѓанското општество, таму се и политичките партии, таму се и наставниот кадар, а кога ќе кажам институции тоа значи дека буквално секое министерство во една влада би можело да работи на тоа да се подобри атмосферата помеѓу етничките заедници во Македонија.“

Дека треба да се работи на меѓуетничките односи во земјава нотирано е и во новиот извештај на ЕК за напредокот на Македонија во евроинтегративниот процес.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG