Достапни линкови

Демократска опозиција за демократска власт


Опозиционата СДСМ е единствена во ставот дека начинот на владеење на премиерот Никола Груевски е штетен за државата и дека Македонија се соочува со недемократско владеење и популизам. Раководството на СДСМ останува на ставот дека не може да направи ништо повеќе од она што е во рамките на институциите на системот, но, дел од членството смета дека комоцијата на Груевски му ја обезбедува токму пасивната опозиција.

Демократизацијата на најголемата партија во опозицијата порано или подоцна ќе мора да почне со многу аргументи за тоа во кои најсилен е владеењето на актуелната власт, вели Владо Бучковски од СДСМ којшто по последните парламентарни избори јавно ја отвори оваа дебата. Со слични повици и иницијативи во јавноста се огласија и уште неколку поранешни високи функционери на СДСМ.

Искрено се надеваме дека ќе се отворат и другите демократски можности во државата, политички дебати, јавни дебати, медиумски дебати, за да имаат граѓаните уште подобра можност за добар коректив од страна на опозицијата кон власта.
Зоран Заев, СДСМ.
„Јас ова го правам затоа што сум свесен дека во овие околности начинот на кој владее Никола Груевски е штетен за Македонија. Комоцијата која сега тој ја има заради тоа што опозицијата не е на она ниво на кое треба да биде, една опозиција во држава каде што е загрозена демократијата, каде што не владее правото, каде што е загрозена слободата на медиумите итн, итн“, изјави Владо Бучковски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Црвенковски е мета на критики на поранешни високи функционери на СДСМ.
Црвенковски е мета на критики на поранешни високи функционери на СДСМ.

Станува збор за ставови на поединци, вели Зоран Заев од СДСМ, каде според него, владее тенденција на консолидација и сплотување, особено, како што вели, по последните избори кога освои значително поголем број гласови и пратенички места. Ние како опозиција немаме намера да се приклучиме на недемократскотот владеење и популизмот којшто го практикува власта и не можеме да направиме ништо повеќе од она што е во рамките на институциите на системот, додава Заев, а она што ограничува е нефункционирањето на системот, особено поради состојбата во медиумите.

„Искрено се надеваме дека ќе се отворат и другите демократски можности во државата, политички дебати, јавни дебати, медиумски дебати, за да имаат граѓаните уште подобра можност за добар коректив од страна на опозицијата кон власта“, изјави Зоран Заев од СДСМ.
Иако има иницијативи за демократизација на партиите, на иницијативата која беше покрената минатата година за отворени пратенички листи, најголемите партии со нивните раководства и еминентните членови, реагираа негативно.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

Опозицијата, вели аналитичарот Алберт Муслиу, која во моментов наспроти себе има партија со строга хиерархија со строго контролиран начин на одлучување и начин на претставување на своите одлуки, има два избора за своето делување - да одговори на истиот начин или, пак, да инсистира на тоа целата партиска сцена да се демократизира и дебатите да станат дел од нормалната политичка комуникација во земјата. Но, ваквите процеси не би можеле да се отворат јуришнички туку систематски за да отпочне вистинска демократизација во партиите.

„Иако има иницијативи за демократизација на партиите, на иницијативата која беше покрената минатата година за отворени пратенички листи, најголемите партии со нивните раководства и еминентните членови, реагираа негативно затоа што тоа подразбираше не губење контрола на лидерот врз партиските случувања, туку воведување на мериторниот систем и во самите партии затоа што тоа ќе подразбираше привлекување на поадекватни кадри“, посочува Муслиу.
XS
SM
MD
LG