Достапни линкови

logo-print

„Пописот пропадна - лош сигнал за соживотот“, „Груевски го прекинал пописот за да спречи фалсификат“, „Пописот пропадна, коалицијата преживеа“, дел од насловите во дневните печатени медиуми.

Македонија - и се' е можно! Попис има, па нема, три дена пред да заврши, целата операција се стопира, пу-пу, не важи, а 14 милиони евра одат во ветер. Нема врска, нема пари со кои би се наплатила објективната слика за населението, одговараат на критиките од опозицијата од владејачката партија.
Пописот пропадна, коалицијата преживеа.

„Пописот пропадна - лош сигнал за соживотот“ - пишува Утрински. „Пропадна статистичката операција“ и дури: „Груевски го прекинал пописот за да спречи фалсификат“ (?!), насловува Дневник. Со сличен наслов и Вечер: „Пописот стопиран поради обид за фалсификат“. Нова Македонија констатира дека „Пописот пропадна, коалицијата преживеа“.

И се знае, некаде во шумата написи за пропаѓањето на пописот, и веста дека Европската комисија во најновиот извештај за Македонија ни дава препорака за почнување преговори, а за датум ќе почекаме - како што пишува Утрински. Весникот уште забележува дека Македонија од лидер се врати на опашката за членство во ЕУ. Вечер со радост извикува: „Извештајот од Брисел подобар од ланскиот“, иако од некои медиуми дознаваме дека се повторуваат истите забелешки од лани за администрацијата, судството и за слободата на медиумите.
Прослави и делби и за Денот на востанието, и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се расправаа пред и за време на празникот, и одделно положуваа цвеќе пред спомениците од НОВ.

Дневник го цитира премиерот Груевски кој го искара еврокомесарот Филе дека „Пренагласувањето на забелешките не помага“. Што мислите колку дена ќе траат „чудата“ за прекинатиот попис и за извештајот од Брисел?

А 70-годишнината на 11 Октомври беше и помина. „Прослави и делби и за Денот на востанието, и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се расправаа пред и за време на празникот, и одделно положуваа цвеќе пред спомениците од НОВ“ - само Утрински забележува во наслов. Утрински критикува и дека при одбележувањето на 8 Септември и на 11 Октомври од власта бил игнориран човекот кој одиграл историска улога за Македонија, првиот претседател на суверена Македонија, Киро Глигоров.

Повторно се актуелизира случајот со убиството на младиот Нешкоски среде Скопје и среде прославата на изборната победа на владејачката партија на плоштадот Македонија. Утрински информира дека пред скопското Јавно обвинителство група незадоволни граѓани протестираа поради одлуката само ,,тигарот“ Спасов да одговара за убиството, а Нова Македонија пишува дека демонстрантите против полициската бруталност најавиле дека ќе го тужат Обвинителството затоа што вината ја свело само на еден човек.

И во меѓувреме на овие збиднувања, Утрински обелоденува дека Владата на Груевски ја задолжило државата за уште 63 милиони евра. Со три аукции на државни записи, при што весникот забележува дека дури ниту новинарите повеќе не можат да постигнат дневно да ги следат задолжувањата на државата на домашниот пазар.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG