Достапни линкови

logo-print

Експлоатација без контрола


Прилепската локална самоуправа се сомнева дека концесионерите кои вршат експлоатација на рудните богатства во регионот пријавуваат многу помалку од реализираните количества.

Квалитетен бел мермер, гранит, оникс, корунд од кој што се прават раскошни рубини... ова се само дел од рудните богатства со кои изобилува околината на Прилеп. Тие се барани на странските пазари, се извезуваат и пласираат по високи цени, а градот и државата остануваат трајно без своето рудно и национално богатство.
Ако пред 15-години постоеше само Мермерниот комбинат којшто со децении преработуваше мермер, сега вкупно 34 компании вршат експлоатација на рудните богатства, а интересот постојано расте.
Се сомневаме дека концесионерите добар дел успеваат да го прикријат, неконтролирани од Рударскиот инспекторат при Министерството за економија. И од тие причини ние како Општина инсистираме да имаме контрола врз експлоатацијата на минерални суровини.

Најголем број од нив се домашни инвеститори. Има и холандски, грчки бизнисмени кои работат во овој профитабилен бизнис. Во фирмите ангажирани се неколку илјади работници. Но, компаниите редовно ги плаќаат давачките кон државата и концесијата.

„За периодот јануари-август оваа година реализирани се приходи од 23,4 милиони денари или тоа е околу 12 отсто од вкупните приходи на буџетот. Тоа значи дека концесиските надоместоци како приходи во буџетот на Општината заземаат значајно место. Има тренд на постојано зголемување“, информира Драги Ѕвездакоски, раководител на локалниот сектор за финансии и буџет во прилепската Општина.

Тој додава дека овие средства кои спаѓаат во категоријата на капитални приходи се наменети за капитални проекти, како што е изградбата на улици и патишта. Бидејќи токму овие фирми во голема мера ја уништуваат инфраструктурата во регионот.

Но, според надлежните тука започнуваат проблемите. Средствата кои овие фирми ги уплаќаат на име концесија, според оценките на локалните власти не даваат реален приказ за состојбите. Се верува дека пријавуваат многу помалку од реализираните количества комерцијални блокови. Значи продаваат многу повеќе и по неколку пати повисоки цени.
Само од тој концесионер согласно неговото производство требаше да се инкасира согласно тарифникот што постои, некаде околу 25 милиони денари. А, од друга страна од тој концесионер остваривме околу 8 милиони денари.

„Се сомневаме дека концесионерите добар дел успеваат да го прикријат, неконтролирани од Рударскиот инспекторат при Министерството за економија. И од тие причини ние како Општина инсистираме, да имаме контрола врз експлоатацијата на минерални суровини, кои се наоѓаат на територијата на Општина Прилеп“, вели Ѕвездакоски.

Тој овие сомнежи ги поткрепува со факти до кои дошла локалната самоуправа преку свои канали.

„По одредени канали добивме податок за само еден концесионер во општина Прилеп, за неговото годишно производство и по квалитетни групи и по обем на производство. И врз основа на тие податоци кои јас ги добив, на 2005-та година се однесуваат тие податоци, само од тој концесионер согласно неговото производство требаше да се инкасира согласно тарифникот што постои, некаде околу 25 милиони денари. А, од друга страна од тој концесионер остваривме околу 8 милиони денари. Тоа значи повеќекратна е штетата доколку и натаму продолжиме концесионерите да го користат овој тарифник“, смета Ѕвездакоски.

Прилепската локална самоуправа бара и промена на тарифникот. Зашто како што се тврди еден метар кубен комерцијален блок се вреднува 300, а се продава на странските пазари по цена од 900 до 1.200 евра. Кога се има предвид висината на концесијата која изнесува пет отсто од цената на комерцијалниот блок може да се согледа колкави се штетите кои ги трпи Општината. Во моментов од тие 900 денари концесија за метар кубен блок, Општината добива 78%, а државата инкасира 22 отсто. Кога би се извршила корекција и средствата би се дуплирале, а и ефектите би ги почувствувале особено граѓаните на локално ниво.

Овие барања прилепската локална власт повторно ќе ги предочи на надлежните во Министерството. А во иста ситуација како Прилеп се и општините: Крива Паланка, Македонска Каменица, Радовиш, Кавадарци, Пробиштип.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG