Достапни линкови

Движењето „Окупирај го Вол Стрит“ се шири


Демонстрант со транспарент на кој пишува „Демократија, а не корпорократија“ на протести во Лос Анџелес на 3 октомври 2011 година.
Демонстрант со транспарент на кој пишува „Демократија, а не корпорократија“ на протести во Лос Анџелес на 3 октомври 2011 година.

Еден процент најбогати Американци поседуваат една четвртина од вкупното богатство на САД.

Антикорпоративното движење почна тивко, пред 3 недели во Њујорк, а продолжи да се шири и во другите градови во САД, каде што Американците од Бостон до Лос Анџелес видоа шанса да протестираат против проширување на јазот меѓу богатите и сиромашните. Движењето започна на 17 септември, кога слабо оргнизирана група активисти кои се себе се нарекуваа „Окупатори на Вол Стрит“ поставија импровизиран камп во паркот во финансискиот кварт на Менхетен.

Како што растеше бројот на луѓе кои се приклучуваа кон протестите, така се менуваше и нивната структура. Движењето сега е составено од млади и пензионери, студенти, работници, невработени и вработени во јавниот сектор. На улиците може да забележите луѓе со розова коса и многу пирсови на лицето, но и такви со побелена коса и обична гардероба. Сите тие луѓе кои излегоа на улица се гневни на системот за кој веруваат дека им носи бенефиции само на богатите и моќните.
Се надевам дека ова е протест што ќе се шири. Мислам дека економската нееднаквост дојде до точка кога е неодржлива. Мислам дека олеснувањата на даноците за корпорациите, а не за обичните работници треба да се укинат. Корпорациите плаќаат во просек помалку даноци од општите работници.
Кејти Џонс, социјален работник, учесник на протестите.

Кејти Џонс работи како социјален работник во Њујорк и неделава им се приклучи на демонстрантите со својата двеиполгодишна ќерка. Таа вели дека, иако е вработена и ги дели трошоците во куќата со нејзиното момче кој е компјутерски програмер, не може да си дозволи да плаќа здравствено осигурување.

„Јас се надевам дека ова е протест што ќе се шири. Мислам дека економската нееднаквост дојде до точка кога е неодржлива. Мислам дека олеснувањата на даноците за корпорациите, а не за обичните работници треба да се укинат. Корпорациите плаќаат во просек помалку даноци од општите работници.“

Интернет страната „Окупирај го Вол Стрит“ го опишува движењето како водечко на отпорот кој го пружаат луѓе со различна боја на кожа, од различен пол и со различни политички погледи, но кои имаат една заедничка работа - тие се дел од 99 отсто од населениото кое нема повеќе да ја толерира алчноста и корумпираноста на 1 процент кој ја застапува.
Со овој капиталистички систем што го имаме, богатите стануваат побогати, а сиромашните осиромашуваат се повеќе, а не се гледа крајот на сето тоа.
Марвин Најт, пензионер, учесник на протестите.

Организаторите велат дека нивна инспирација се популарните востанија во арапскиот свет и европските протести против мерките за штедење.

Ова движење во почетокот доби многу мало медиумско внимание. Луѓето надвор од Њујорк не беа запознаени со случувањата се додека во третата недела од оддржувањето на протестите, неколку илјади активисти не ги прекршија правилата и маршираа на Бруклинскиот мост и покрај полициските предупредувања.

„Ви наредувам да го напуштите мостот. Ако одите доброволно нема да има пријави против вас. Ако одбиете да се тргнете ќе бидете приведени за непримерно однесување“, им се обрати еден полицаец на демонстрантите.

„Заземете го мостот, заземете го мостот“, викаа демонстрантите.

Околу 700 луѓе беа приведени и набрзо беа ослободени со мали парични казни. Веќе следниот ден по инцидентот, луѓе облечени како „корпоративни зомбија“, фрлајќи лажни пари прошетаа по улиците. Луѓето протестираа и пред Зградата на федералните резерви со транспаренти на кои пишуваше „Борете се со богатите, не ги водете нивните војни“.


Тоа ги потикна луѓето од Чикаго, Бостон и Канзас Сити да се приклучат на движењето. Организаторите во над 50 градови сега на социјалните мрежи создаваат групи како „Окупирајте го Бостон“ или „Окупирајте ја Филаделфјија“.

Гневот на граѓаните се должи на економскиот јаз меѓу граѓаните на САД. Најбогатите еден процент од Американците поседуваат една четвртина од вкупното богатство, а најсиромашните 40 отсто од Американците поседуваат само 0,3 проценти од целото американско богатство.

Во 2010 година, половина од сите приходи отишле кај најбогатите 20 проценти од Американците, додека најсиромашните 20 отсто од граѓаните на САД добиле само 3 проценти од вкупните приходи во земјата.

Голем број Американци се чувствуваат заборавени од општеството. Шеесетиосумгодишниот пензионер од Бруклин, Марвин Најт, смета дека е еден од нив.

„Со овој капиталистички систем што го имаме, богатите стануваат побогати, а сиромашните осиромашуваат се повеќе, а не се гледа крајот на сето тоа.“

Многу Американци излегоа на протестите по владината одлука, парите од даночните обрзници да се искористат за спас на банките.

Сепак, претседателот Барак Обама, во септември предложи и минимален данок што треба да го плаќаат милионерите, со образложение дека состојбата е неурамнотежена, зашто дупките во законите им овозможуваат на богатите да плаќаат помали даноци од американската работничка класа.

Републиканците го обвинија Претседателот за водење војна меѓу класите. Но наметнувањето на повисоки даноци за многу богатите досега има двајца важни поддржувачи, како што се милијардерот Ворен Бафет и милијардерот Џорџ Сорос.

Во меѓувреме, расте бројот на луѓе кои го поддржуваат протестот.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG