Достапни линкови

Одбележување на 11 Октомври


Претседателот на Сојузот на борци на Македонија, Тодор Атанасовски на свечената академија во Домот на АРМ.
Претседателот на Сојузот на борци на Македонија, Тодор Атанасовски на свечената академија во Домот на АРМ.

Седумдесетгодишнината од 11 Октомври, поминува со свечени седници, академии, но и без Албанци и со обвинувања меѓу власта и опозицијата.

Седумдесетгодишнината од еден од најславните датуми во македонската историја, 11 Октомври, поминува со свечени седници, академии, отворање на реновираниот Меморијален музеј „11-ти Октомври 1941“ во Прилеп, но и обвинувања од опозицијата дека власта сака да го маргинализира празникот, како и отсуство на албанските политички елити од прославата.
Првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, со група македонски партизани.
Првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, со група македонски партизани.

На денешен ден, пред седум децении борците од Првиот прилепски партизански одред го нападнаа бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, што го означи почетокот на организираното востание на македонскиот народ против бугарскиот, италијанскиот и германскиот окупатор за ослободување на земјата. Следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.

Сметам дека е добро што имаме отворена дискусија и нов пристап, еднакво и целосно славење на сите личности и настани кои тоа објективно го заслужуваат.
Ѓорге Иванов, претседател на Македонија.
До крајот на војната македонските партизански одреди прераснаа во голема војска што броеше 110 илјади луѓе. Борбата на македонските партизани беше крунисана на Првото заседание на АСНОМ на Илинден 1944 во манастирот Св. Прохор Пчињски, каде се удрија темелите на првата независна македонска држава, како рамноправна членка на југословенската федерација.

За време на окупацијата, загинаа околу 26 илјади луѓе, двојно повеќе беа интернирани, а земјата претрпе и огромни економски штети.

На свечената академија посветена на празникот, што се одржа во Домот на АРМ, претседателот на Сојузот на борци, пензионираниот генерал Тодор Атанасовски, рече дека формите на неофашизам што се појавуваат може да ги загрозат сите цивилизациски придобивки од борбата против фашизмот.
Партизаните ја ослободуваат Битола.
Партизаните ја ослободуваат Битола.

„Да не дозволиме повторно јавување на фашизмот во било која форма.“

На свеченоста не присустуваше ниеден пратеник или министер Албанец.

Претседателот Ѓорге Иванов, пак, вели дека со славењето македонските херои од сите епохи - од древното минато па до борците од 2001 година, воопшто не се намалува и не се поткопува славењето на хероите од НОБ“.
Веќе неколку години никој не најде за сходно да ги реставрира овие обезглавени споменици и да постави нови, а во меѓувреме се фрлија огромни пари за поставување на лавови, бикови и шмизли во центарот на градот.
Гордан Георгиев, потпретседател на СДСМ.

„Сметам дека е добро што имаме отворена дискусија и нов пристап, еднакво и целосно славење на сите личности и настани кои тоа објективно го заслужуваат.“

Потпретседателот на опозицискиот СДСМ, Гордан Георгиев, реагира дека владата не се грижи за спомениците на борците од НОБ.

„Веќе неколку години никој не најде за сходно да ги реставрира овие обезглавени споменици и да постави нови, а во меѓувреме се фрлија огромни пари за поставување на лавови, бикови и шмизли во центарот на градот, на само неколку стотици метри од Градскиот парк. Исто така, сакаме да го изразиме нашето разочарување од начинот на кој оваа власт го прославува или симулира прославување на 11 октомври, за што впрочем сведочат и бројните изјави и соопштенија од Сојузот на борците“, вели Георгиев.
Првата егејска ударна бригада.
Првата егејска ударна бригада.

На ова реагираше владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ ги цени и почитува достигнувањата од антифашистичката и народно ослободителната борба, а доказ за тоа се изградбата на спомениците на Ченто, Президиумот на АСНОМ, Кузман Јосифовски-Питу, музејот на борбата за македонската државност и самостојност, реновирањето на Могилата на непобедените. СДСМ во целото свое владеење не изгради ниту еден споменик на НОБ“, стои во соопштението од владејачката партија.

Во Собранието утре напладне ќе биде врачена државната награда „11 Октомври” за животно дело. Нејзини добитници оваа година се балетскиот уметник Тања Вујисиќ-Тодоровска, писателот Ресул Шабани и актерот Петар Темелковски - во областа на културата и уметноста. Во областа на заштитата на вредностите на културно-историското наследство, наградата ќе ја добие советникот-библиотекар Миле Бошески. Во областа на стопанството, пак, наградата му се доделува на стопанственикот Тихомир Чепреганов.
Подмладоците на најголемите политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, вчера се „натпреваруваа“ кој ќе исчисти повеќе споменици на херои од НОБ.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG