Достапни линкови

Кризата во еврозоната се шири


Белгиската влада денеска соопшти дека ќе го преземе белгискиот дел од проблемтичната банка Дексија што изнесува скоро 5,5 милијарди долари. Оваа француско-белгиска банка дојде во ситуација да се спасува, бидејќи е една од најизложените на грчката должничка криза.

Пред две години кога грчката влада за прв пат призна дека се соочува со банкрот, тоа беше вистински шок за еврозоната.

Денес и покрај огромниот спасувачки пакет, Атина продолжува да ја тресе цела Европа.

Големата француско-белгиска банка Дексија имаше проблеми, бидејќи пресметала дека има многу поголем капитал од она што навистина го поседува.


Дел од проблемот беше тоа што и позајми на Грција многу кредити кои сега не може да ги врати. Деновиве, евролидерите се согласија дека банките не ќе можат целосно да си ги наплатат долговите од Грција, односно дека ќе мора да се откажат од 21 отсто од сумите што и ги дале.

Значи, она што и се случи на Дексија може да погоди и други европски банки, што пак ги алармира инвеститорите.

Но, не само нив, туку и европските лидери кои не можат да најдат нови начини да го убедат светот дека тие се уште можат да ја решат грчката криза.

„Мислам дека е неопходно Грција да остане во еврозоната и да и се даде шанса да застане на нејзини нозе“, вели германската канцеларка Ангела Меркел.

Ако оваа нејзина изјава значи дека секој во еврозоната ќе биде зафатен од бурата, тогаш, според некои економисти, тоа значи дека кризата и натаму се проширува.
На банките ќе им треба капитализација, ќе им требаат екстра владини фондови за да можат да ги издржат ударите, не само од грчката криза, туку и од оние во Италија и во Шпанија.

Според нив, грчките финансии веќе не се единствениот проблем. Во прашање е целиот концепт како владите позајмуваат пари. Освен од Грција, финансискиот свет е уплашен и од другите земји како Италија и Шпанија.

Сето тоа претставува удар врз суштината на еврозоната, бидејќи големи банки во Германија, Франција и Британија држат десетици милијарди евра како долгови од овие земји.

Многумина сметаат дека долговите на државите и банкарските проблеми се толку многу поврзани што сега има потреба од ургентно инектирање нов капитал во банките кои им позајмувале на владите.
Претседателот на Европската централна банка Жан Клод Трише
Претседателот на Европската централна банка Жан Клод Трише


„На банките ќе им треба капитализација, ќе им требаат екстра владини фондови за да можат да ги издржат ударите, не само од грчката криза, туку и од оние во Италија и во Шпанија“, вели Џенифер Мекион, економист од Лондон.

Но, засега е нејасно како тоа и ќе го стори Европската унија.

Главниот проблем е како да најдат пари, особено ако се знае дека стабилизацискиот пакет од 440 милијарди евра нема да биде доволен и за спасување на Грција и за рекапитализација на банките.

Во таков случај некои заговараат некоординарана акција односно, секоја земја да си се спасува сама. Други, пак, бараат поцврста акција на Европската централна банка.

Како и да е, доколку не се случи некое чудо, тогаш Брисел ќе треба да смисли план кој нема да се однесува само на Грција и да признае дека целата Европска унија има финансиски проблеми.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG